Американскиот претседател Доналд Трамп помилува 15 лица, меѓу кои има републиканци кои важат за негови големи поддржувачи, функционери од предизборната кампања во 2016 година поврзани со истрагата за вмешаност на Русија, како и осудени за масакрот во Багдад во 2007 година.
Меѓу помилуваните се и поранешниот соработник на Трамп во изборната кампања Џорџ Пападопулос и адвокатот Алекс ван дер Зван. И двајцата издржаа кратки затворски казни. Трамп помилува и четворица членови на обезбедување, вклучени во масакрот во Ирак во 2007 година, како и двајца поранешни конгресмени.
Пападопулос во 2017 година призна дека го излажал ФБИ за времето на средбата со наводните посредници на Русија за време на изборната кампања во 2016 година.
Тој беше првиот поранешен соработник на Трамп уапсен во истрагата за руска вмешаност во изборите, предводена од специјалниот советник Роберт Милер. Пападопулос лажно тврдеше дека се сретнал со две лица кои се поврзани со Русија пред да почне да работи за кампањата на Трамп, но всушност се сретнал со нив откако се вклучил во кампањата.
Пападопулос му се заблагодари на Трамп на Твитер, велејќи дека помилувањето значи многу за него и за неговото семејство
Ван дер Зван исто така призна дека дал лажна изјава за време на истрагата на Милер.
Денешното помилување помага во исправувањето на неправдата која тимот на Милер им ја нанесе на толку многу луѓе – се вели во соопштението на Белата куќа.
Трамп ги помилува и поранешните републикански пратеници Крис Колинс и Данкан Хантер.
Трамп ги преиначи и казните за уште пет лица. Се очекува тој да помилува уште луѓе пред да ја напушти функцијата претседател следниот месец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.