Пратеникот од СДСМ Костадин Ацевски денеска потврди дека сопругата, со која не биле во добри односи и живееле раздвоено подолго време, синоќа го пријавила во полиција. Но, демантираше дека тој вербално, физички или психички ја малтретирал, кажа дека полицијата таа ја повикала поради нивно меѓусебно недоразбирање.
„Не сум насилник“, тврди пратеникот на СДСМ Костадин Ацевски.
Ниту физички сум ја нападнал сопругата, ниту сум го повишил гласот кон неа. Веќе извесно време живееме одвоено и таа вчера дојде дома и рече дека сака да остане тука поради децата. Реков дека тогаш јас ќе си одам, а синовите сакаа да дојдат со мене. Тука настана недоразбирањето, по што таа се јави во полиција – изјави денеска Ацевски.
Вели дека со сопругата имаат два сина на возраст од четири и од шест години. Во изминатиот период имале меѓусебни несогласувања, меѓу другото, и околу одгледувањето на децата, на пример во поглед на вакцинацијата, ама, како што нагласува тој, тоа никогаш не прераснало во семејно насилство од кој било вид.
Да имаше насилство, веднаш ќе поднесев оставка. Децата, сепак, ми се поважни од функцијата. Меѓутоа не го повишив ниту гласот – рече Ацевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.