Пентагон денес одобри дополнителни 1.000 војници за да помогнат во евакуацијата на американскиот персонал од Кабул. Со таквата одлука, бројот на трупите кои ќе помагаат во извлекувањето на американските и на други западни државјани, но и на авганистанските соработници се искачи на 6.000.

Неименуван американски функционер додаде дека станува збор за 1.000 војници од 82. воздушно-десантна дивизија, која веќе била во состојба на готовност.

Во меѓувреме, во градот владее паника. Стотици луѓе се упатија кон аеродормот каде што владее вистински хаос во обидите на луѓето да обезбедат место на некој лет што ќе ги одведе надвор од земјата.

Утре седница на Советот за безбедност на ОН

Советот за безбедност на Обединетите Нации утре ќе одржи итна седница посветена на ситуацијата во Авганистан. Седницата на Советот за безбедност ќе биде одржана во 16 часот на барање на Естонија и Норвешка.

Според дипломати на ОН, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ќе ги информира членките на Советот за ситуацијата откако талибанците ја преземаа авганистанската престолнина Кабул.

Талибанците соопштија дека ја контролираат целата територија на Авганистан. Авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напушти земјата откако исламистичките милитанти влегоа во Кабул.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.