„Верувам дека секој пратеник сака да го има говорот на премиерот Заев. Седницата ќе продолжи утре во 13 часот“, рече Џафери набрзо откако со доцнење од еден час започна собраниската седница на која требаше да се гласа за уставите измени.
Откако пред пратениците се обрати премиерот Зоран Заев, спикерот Талат Џафери ја прекина седницата за секој пратеник да можел да добие стенограм од говорот на Заев или со еден збор фарса со која власта купува време додека го чека ишаретот на Меркел од Грција.
Имајќи предвид дека ситуацијата во Грција е покомплицирана со обезбедување на потребното мнозинство, на Германија ѝ се потребни два дена за да ги подреди коцките за мазно да помине Преспанскиот договор. Оттука, и фарсата во македонското собрание заврши експресно.
Посетата на германската канцеларка на Грција е најавена за 10 и 11 јануари. Причината за дводневната посета е да изрази поддршка за грчката влада во пресрет на ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент и да испрати позитивна порака по излезот на Грција од меморандумите.
Изборот на датумот не е случаен: неколку дена подоцна, доколку не се случи нешто непредвидено, владата на Заев ќе ја заврши предвидената уставна ревизија, а Договорот од Преспа ќе тргне кон грчкиот парламент. Како што споменуваат информации од германската престолнина, Меркел сака, со посетата, да му даде поддршка за грчкиот премиер, бидејќи договорот влегува во завршна фаза, пишува „Катимерини“ и потсетува дека Берлин беше активен во првата половина на годината за Атина и Скопје да стигнат до решение.
Дел од грчката јавност и поддржувачи на Владата на Ципрас се убедени дека Преспанскиот договор ќе биде ратификуван. Останатите пак сметаат дека Ципрас ќе го префрли товарот на наредната влада. На новогодишниот собир во резиденцијата Ципрас пред новинарите порача дека се ќе се заврши навреме, иако се уште не одлучил дали Преспанскиот договор ќе влезе во парламентот пред март.
Грчкиот премиер сака со апсолутно мнозинство да докаже дека Сириза не е сама во имплементацијата на Преспанскиот договор и ја има поддршката од другите партии. Во овој период се бројат гласови, а помалите партии ретерираат со ставови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.