Владата веќе прави план за враќање на животот во нормала, а веќе се работи и на нови протоколи како да се отворат градинките, најави денеска техничкиот премиер, Оливер Спасовски при денешната посета на Пробиштип и увидот во градежните работи во изградбата на социјалната зграда.
Јас сметам дека преку добро изградени протоколи, за однесување, што треба да се преземе од аспект на здравјето и на децата и на вработените во градинките и за спречување на ширење на коронавирусот, децата ќе можат да се вратат во градинките врз основа на тие протоколи. Меѓутоа за тоа Владата ќе донесе одлуки, а важно е да има верба кај граѓаните, вели Спасовски.
Тој истакна дека во овие моменти е важна довербата на граѓаните. Последните истражувања и анкети покажале дека над 68 отсто од граѓаните сметаат оти Владата добро се справува со здравствената криза.
Тоа покажува не дали има поддршка структурата и персоналот, туку дека граѓаните веруваат во институциите и тоа е многу важно. Оваа криза придонесе да ја вратиме вербата во институциите на системот. Ние имавме период од 11 години во кој се разоруваа институциите на системот, по било која основа и затоа таа недоверба беше во тој период. Мислам дека со ова придонесовме да ја вратиме довербата во институциите, вели Спасовски.
Посочи дека здравствените работници покажале, како пожртвувано се работи во ваква состојба, за да се сочува животот и здравјето на граѓаните и токму преку таа стекната верба во институциите може и лесно да се врати животот, но и да почнат со работа училиштата и градинките.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.