Утре ќе започне скринингот на учениците во 9 средни училишта во Скопје. Во текот на утрешниот ден ќе се тестираат 258 средношколци, а низ државата продолжува во Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа, соопшти Министерството за здравство.

Претходно беше соопштено дека во скринингот ќе бидат опфатени 364 основни и 109 средни училишта во Македонија.

Тестирањето на учениците ќе се спроведува во просторија одредена од страна на училиштето, а тестирањето ќе трае помалку од една минута.

Истото е безболно и безбедно, со земање на брис од грло и од носна шуплина, велат од МЗ.

Скринингот ќе се спроведе со брзи антигенски тестови, по претходно добиена писмена согласност од страна на родителите или старателите на учениците. Собирањето на согласности почина минатата недела.

Целта на скринингот е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на вирусот Ковид 19 помеѓу учениците. Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата, во интерес на децата.

Апелирам родителите да го прифатат скринингот, не е тоа ништо страшно, се зема обичен брис, исто како земање брис за детектирање на други причинители на горно-респираторни инфекции. За пократко време ќе имаме пресек, слика на епидемиолошката ситуација, која сега е прилично мирна, изјави претходно министерот за здравство Венко Филипче.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.