Небитно е дали некои од попишувачите се вакциниран или не. Имаме јасни и прецизни Ковид-протоколи кои мора и ќе се почитуваат. Тоа е наша обврска, но и гарантираме дека протоколите максимално ќе се почитуваат. Ќе сносиме одговорност ако тоа не се случи – вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Симовски на прес-конференција во Владата се заблагодари за владината препорака да се стават на располагање времено вработените во државните институции, но изрази надеж и очекување дека нема да има потреба од нивно ангажирање зашто, како што кажа, имало доволен број попишувачи.

Според дСимовски, пописот е обврска на секој граѓанин, а не доброволна активност. Тој порача дека методологијата на попишувањето нема да се менува и покрај лошата епидемиолопка слика во државата.

Мислам дека им е јасно на сите дека не можеме сега и воопшто немаме намера да размислуваме во таа насока да ја менуваме методологијата. Донесена е според закон, објавена е во Службен весник и одобрена од Евростат, така што менување на методологијата не доаѓа предвид. Во однос на какво било одбивање за попишување, има закон кој е многу прецизен. Ова е задолжителна активност, обврска на сите. Ова не е доброволна активност – потенцира Симовски.

Во однос на попишувачите, тој повтори дека очекува да има доволен број кандидати.

По тестирањето ќе знаеме колку попишувачи имаме на располагање и тогаш ќе можеме да кажеме дали ќе ни биде потребен дополнителен кадар. Но, очекуваме да имаме секаде доволен број кандидати кои ќе ги избираме согласно конкурсот што завршува денеска. Утре ќе имаме конкретни информации, колку аплицирале за кои пописни реони, а задутре ќе знаеме и точно колку од нив ја поминале селекцијата. Можноста да ги добиеме на располагање времено анагажирание лица во државните и институциите на локалната самоуправа е за да се интервенира по потреба, таму каде што евентуално ќе нема доволно кадар – раазлични јазици при попишување и слично. Но, се надевам и очекуваме дека тоа нема да се случи – истакна Симовски.

Симовски појасни дека евентуално ангажираните ќе бидат платени само за работата што ќе ја извршуваат, како и секој друг учесник во пописот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.