На предлог на Бирото за развој на образованието, во петокот Министерството за образование и наука ги усвои новите наставни програми за прво одделение, како прв чекор во рамки на планот за конкретизирање на имплементацијата на новата Концепција за основно образование со која се предвидува значителна модернизација на базата на националниот образовен систем, објави Министерството за образование и наука (МОН).

Програмите се објавени на следниот линк.

Наставните програми беа изработувани од страна на работни групи во кои покрај советниците на БРО, учествувале и универзитетски професори и практичари – наставници од основно образование одбрани преку јавен оглас, а во текот на целиот процес беа консултирани и бројни експерти од повеќе области на коишто се темели новата Концепција: родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот, како и за заштитата на животната средина, почитување и заштита на правата и слично.

За прв пат во нашата земја се изработија наставни програми врз основа на Национални стандарди базирани на компетенции и истите се фокусираат на резултати од учењето. Прецизно е дефинирано какви компетенции (знаења, способности, вештини и ставови) се очекува да стекнат учениците за време на основното образование, а наставникот добива целосна автономија да ја прилагодува наставата кон одделни ученици или групи за целосно постигнување на очекувањата и потенцијалот на секој еден ученик, велат од МОН.

Суштински значајно е што наставните програми ќе обезбедат поголема видливост на интеграцијата, односно ќе овозможат реализација на сродни теми од различни наставни предмети во текот на исто одделение, со цел да се синтетизираат различни перспективи за предметот секаде каде што е можно, преку одредени можни содржини и активности за нивна реализација.

На овој начин, учениците полесно ќе ја разбираат и совладуваат наставната материја. Фокусот е ставен на учење со разбирање кое помага во развој на критичкото мислење и креативноста, наместо досегашното фактографско учење и меморирање податоци, велат од МОН.

Исто така, со новите наставни програми предност се дава на формативното, наспроти сумативното оценување што подразбира дека постигањата на учениците ќе се следат на дневна основа, наместо само да се организираат тестирања на крајот на одредени периоди – тримесечје или полугодие.

Во меѓувреме, за начинот на примена на новите наставни програми за прво одделение ќе се организираат обуки за наставниците, преку три модули во текот на мај, јуни и август.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.