Во касарната „Илинден“ пуштен е во употреба нов објект – кујна за потребите на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
МВР инвестираше во целосна реконструкција на објект во касарната „Илинден“ што го доби на трајно користење од Министерството за одбрана, а кој од денеска ќе биде во функција – објект за исхрана со кујна на припадниците на Специјалната антитерористичка единица, кои од формирањето на Единицата до денеска се хранеа во објект надвор од кругот на касарната – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Од МВР соопштија дека за реконструкцијата на новиот објект за исхрана се издвоени околу девет милиони денари и дека е изграден по највисоки полициски и ХАСАП стандарди. Во склоп на објектот се наоѓа кујна оспособена за приготвување храна во текот на 24 часа седум дена во неделата.
Кујната покрај за САЕ „Тигар“ има капацитет да овозможи приготвување храна и за други организациски единици на МВР, во посебни околности, за потребите на службата.
По спроведена јавна набавка со барани високи критериуми, преку електронска аукција бил избран економски оператор кој под посебен мониторинг ќе ја приготвува и служи храната за припадниците на САЕ „Тигар“. Со тоа, МВР првпат го имплементира овој пилот проект кај нас, кој кај повеќе полиции во Европската Унија успешно функционира подолг период – се наведува во соопштението.
Од МВР велат дека има тенденција во иднина проектот да се прошири и во други објекти на министерството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.