Едно име имаме, во душата го носиме – порачаа вечерва стружани кои беа дел од митингот на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на претседателската кампања. Гордана Силјановска Давкова е кандидатката зад која застана најголемата опозициона партија, а лидерот на партијата, Христијан Мицкоски ја потенцираше потребата од битка, од борба во овој период кога на Македонија и се случува неправда.

Мора да продолжиме да се бориме затоа што само тие што се борат, тие на крајот од таа борба победуваат. Тие кои седат и чекаат победата сама да дојде – се лажат. Мора да излезете очи во очи со предизвикот. Колку и да е тежок тој предизвик, колку и да ви изгледа невозможно, колку и да ви велат дека е готово и дека ништо не можеме да промениме, тоа треба дополнително сите нас да нè мотивира во борбата за правда за Македонија – порача Мицкоски на вечерашниот митинг во Струга.

Тој зборуваше и за противкандидатот на Силјановска, Стево Пендаровски, поддржан од владејачките партии.

-Оној негов кандидат, деспотски избран во оној скап хотел, е лице и опачина на една иста паричка со Зоран Заев. Нашите сограѓани на кои им е поубаво и подобро живеат, поквалитетно живеат откако Заев е премиер. Тие ќе гласаат за него. Тоа е алтернативата. Но, сите оние кои денес се чувствуваат омаловажени, понижени, опљачкани од овој криминален картел нема да дозволат и нема да одобрат претседател заштитник на овој криминален картел кој денес е на власт. Тие ќе гласаат за честита личност, за личност со интегритет, со достоинство, со вистинска програма и визија како претседател на Република Македонија. Одговорот е јасен, професорката Гордана Силјановска Давкова. Тоа е изборот. Го имаме Заев и Стево лице и опачина на една паричка и имаме честита Македонија олицетворена во нашиот кандидат, иден претседател Силјановска Давкова, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека и самите СДСМ знаат дека ќе загубат.

-Дека губат и они знаат. Ќе ме прашате од каде знаат дека губат. Одговорот е едноставен. Затоа брзаа да донесат пресуда, да му го испорачаат ветувањето на деспотот, затоа што знаат дека после 21-ви април се ќе биде поинаку откако ќе бидат поразени. И тие клиентелисти во судството што денес им слугуваат, ќе завртат нова страна и ќе се плашат дека нема амнестија за Заев и таквите како Заев, па ќе мора да се соочат со законите и пред законите и да поднесат сметка за сето ова што и го направија на Македонија и на сите граѓани, додаде Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.