Двајца пратеници од Собранието во изминатите два дена се изјаснија дека се позитивни на Ковид-19, а се уште нема информација колкумина нивни колеги и вработени во службите поради контакт со нив ќе мора да одат во самоизолација или да направат тестови доколку имаат симптоми на болеста.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека во текот на денов ќе се знае колкумина пратеници треба да одат во самоизолација бидејќи се уште се изработуваат епидемиолошките анкети.
Денеска ќе знаеме затоа што треба да завршат епидемиолошките анкети, рече Филипче.
Пратеникот Лазе Таневски од СДСМ денеска преку својот Фејсбук профил соопшти дека е позитивен на Ковид-19, додека вчера собраниските служби информираа за пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери не коментираат како ќе се одвива работата на законодавниот дом во наредните недели.
Џафери претходно повеќе пати предупреди дека работата на Парламентот мора да се усогласи со новите услови за работа, но тоа да се случи треба промена на Деловникот за работа на Собранаието. Владејачките партии предводени од СДСМ сметаат дека парламентот треба да има можност за онлајн-работа, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека Уставот тоа не го дозволува.
Денеска премиерот Зоран Заев најави дека седницата на Владата во вторник ќе се одржи онлајн, а очекува истото да го стори и Собранието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.