Претседателот Стево Пендаровски и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на средба во Загреб, оценија дека Македонија и Хрватска имаат одлична соработка на регионален и на мултилатерален план, со акцент на сојузништвото во НАТО, каде што двете држави се цврсто посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорности.

Пендаровски, кој престојува во дводневна официјална посета на Хрватска, изрази благодарност за принципиелната хрватска поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Тој ја поздрави и идејата за одржување прва заедничка седница на владите на двете држави, на која би се разговарало за идните насоки на соработка.

Разменети се и информации за тековниот процес на вакцинација против Ковид-19, при што Пендаровски се заблагодари за намерата на хрватската Влада да донира 10.000 дози од вакцината „АстраЗенека“ за нашата држава.

Пендаровски го истакна и интересот на нашата држава за интензивирање на економската соработка и трговската размена со Хрватска, за што постојат неискористени можности.

На средбата на шефот на државата со претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ, пак, е нагласена заедничката заложба за интензивирање на парламентарната соработка.

Пендаровски истакна дека Македонија и Хрватска споделуваат идентични вредности во функција на остварување на заедничките цели за мир, стабилност и просперитет на целиот регион, за што придонесува и меѓусебната соработка како две пријателски држави и сојузници во НАТО Алијансата.

Во контекст на нашиот евроинтегративен пат, Пендаровски изрази благодарност за цврстата, недвосмислена и континуирана поддршка на Хрватска.

На средбата е изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска и е реафирмиран заемниот интерес од натамошно градење на традиционално пријателските релации меѓу двете држави преку проширување и зајакнување на соработката во сите области од заемен интерес.

Тие ја нагласија заедничката заложба за интензивирање на парламентарната соработка oсобено за нејзино динамизирање преку комисиите за надворешни работи и европски прашања на двата парламента, како значаен придонес во севкупните билатерални односи и во создавањето амбиент за поквалитетна регионална соработка.

Претходно Пендаровски имаше тет-а-тет средба со неговиот домаќин, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, на која исто така беше реафирмирана поддршката од Хрватска за евроинтеграцијата на Македонија, со уверување за исчекор и почеток на преговорите за членство во тек на претстојното словенечко претседавање.

Утре, на вториот ден од посетата, претседателот Пендаровски ќе се обрати на билатералната деловна средба – со фокус на инвестиции, што се организира во соработка со Хрватската трговска комора, а на која ќе присуствува и македонска бизнис делегација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.