Претседателот Стево Пендаровски го извести претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, дека одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.
Во известувањето меѓудругото се наведува:
Мојата одлука да не го потпишам Указот за прогласување на Законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот на Законот, при што утврдив дека текстот на Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт.
Како претседател на државата се заколнав дека ќе ги почитувам и штитам Уставот и законите. Таа обврска подразбира не само формално почитување и спроведување на Уставот и законите, туку, многу повеќе, промоција на правната култура. Правната култура е одлика на сите цивилизирани заедници, а владеењето на правото и заштитата на јавниот интерес е принцип на сите демократски држави. Впрочем, владеењето на правото е основниот услов за остварување на стратешката цел на нашата држава за интеграција во Европската Унија, за чиешто остварување работеле и работат сите досегашни претседатели, состави на Собранието и влади. Како убеден демократ и легалист верувам во водењето на политиката во границите на правото и затоа не можам да се согласам од неправото да создаваме право. За жал, усвоениот Закон е пример за такво поведение.
Во таа насока, апелирам до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот.
Според Пендаровски, особено спорен е членот 41 од законот, кој предвидува скриена и нетранспарентна амнестија на лица кои веќе се гонат кривично за бесправно градење.
Преку вака формулираното законско решение се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба. Неспорна е уставната надлежност на Собранието, во согласност со член 68 од Уставот, да дава амнестија. Но, амнестијата, како што налага законодавната пракса, треба да биде дадена со посебен закон за амнестија, а во образложението кон евентуалниот таков закон треба да се образложи општествената оправданост односно јавниот интерес за давањето на амнестијата. Преодните и завршните одредби на Законотза утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не се местото кадешто на нетранспарентен начин ќе биде дадена амнестија, стои во соопштението.
Пенадаровски го оспорува и членот од Законот со кој се предвидува легализација на диоградби во заштитени подрачја и национални паркови, со обралзожение дека има прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.