Во пресрет на почетокот на Советот за општи работи денеска во Брисел Скопје со порака дека блокадата на европските интеграции за Македонија и Албанија е неправилна, неоправдана и создава недоверба во целиот регион. Се очекуваат храбри политички чекори од сите членки на Унијата, пред сѐ од Република Бугарија, но и од останатите партнери во ЕУ. Софија на состанокот треба да ја претставува новиот премиер Кирил Петков кој според најавите ќе ја брани бугарската рамковна позиција за Македонија утврдена од техничката влада – за почеток на пристапните преговори само за Албанија, но не и за Македонија.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ова порака ја упати вчера на состанокот на министри за надворешни работи од Западен Балкан, во Лондон, кој се одржа на покана на државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Лиз Трас. На состанокот како специјални гости беа Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина и Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан.
-Блокадата на европските интеграции за Македонија и Албанија е неправилна, неоправдана, и таа создава недоверба во целиот регион. Потребни се храбри политички чекори од сите членки на Унијата, пред сѐ, од Република Бугарија, но и од останатите партнери во ЕУ; тука секако сметам и на нашата подготвеност за искрени компромиси со цел затворање на ова поглавје и отворање на перспективите за Македонија и за целиот регион. Уверен сум дека е тоа наједноставниот, и веројатно во овој момент, единствениот начин со кој може да се предизвика нов европски и евроатлантски моментум на Балканот, рече Османи зборувајќи за актуелните состојби на Балканот и блокадата на евроинтеграциите на Скопје и Тирана.
Во оваа насока, како што се посочува во информацијата од МНР, Османи ја поздрави одлуката на британската влада за назначување на специјалниот пратеник на Обединетото Кралство задолжен за регионот на Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, оценувајќи го како чин кој ќе придонесе за подобрување на регионалната стабилност и просперитет, како и за промовирање на силни демократски институции и отворени општества.
Развојот на билатералните односи меѓу двете земји, како и регионалните предизвици и европската перспектива на Македонија, биле тема на разговор на средбата на министрот Османи, за време на престојот во Лондон со државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Лиз Трас.
На средбата, како што информираат од кабинетот на Османи, било констатирано дека текот на имплементацијата на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка помеѓу Македонија и Обединетото Кралство е многу значајна компонента во развојот на целокупните релации, а било разговарано и за континуираната успешна соработка во областа на одбраната, како исклучително значајна долгогодишната британска поддршка за јакнење на воените капацитети на нашата земја и секако за соработката во НАТО, како уште една алка на поврзување и соработка на двете земји во иднина.
Османи и Трас, констатирале дека Западниот Балкан има важна улога за севкупната стабилност и напредок на Европа, а интеграција на регионот во Европската Унија претставува заемен геостратешки интерес од политички, безбедносен и економски аспект. Соговорниците, се вели во соопштението, се согласиле дека е неопходен и засилен ангажман и присуство во регионот на Обединетото Кралство, САД и Европската Унија што ќе придонесе кон остварување на заедничката цел – стабилен и просперитетен регион. Европската и евроатланската перспектива остануваат главна движечка сила за трансформација на сите земји од регионот во демократски и економско развиени општества и во таа насока отворањето на пристапните преговори на Македонија и Албанија со Европската Унија позитивно на стабилноста и долгорочниот развој на целиот континент.
Во рамки на престојот, шефот на дипломатијата Османи одржа и одделни билатерални средби со Мирослав Лајчак, Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на премиерот, Борис Џонсон; со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисерка Турковиќ, како и со американскиот заменик помошник државен секретар Габриел Ескобар.
– Благодарност за силната поддршка од САД за започнување пристапни преговори со Европската унија. Остануваме посветени на понатамошното зајакнување на стратешкото партнерство и заедничките заложби за слобода, безбедност и демократски просперитет во регионот, објави Османи на официјалната Фејсбук страница.
Ескобар минатиот понеделник беше во официјална посета на земјава, при што изрази силна поддршка за брза евроинтеграција на Македонија и истакна оти САД работат со европските партнери за да обезбедат тоа наскоро да се случи
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.