Универзитетската клиника за неврологија добива поголем условен буџет од Фондот за здравствено осигурување, наменет за лекови за мултипла склероза. Првпат во јавното здравство обезбедена е и посебна просторија каде овие пациенти со соодветен медицински надзор ја примаат инфузионата терапија, истакна денеска државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев на прес-конференција на Клиниката за искуствата од најновата иновативна терапија за мултипла склероза.

Посочи дека Министерството за здравство посветено работи на унапредување на грижата за пациентите со мултипла склероза, чиј број во државата изнесува повеќе од 1.200.

Оваа година повеќекратно е зголемен бројот на пациенти кои се на третман со иновативната терапија Оcrelizumab и тоа од девет пациенти кои минатата година беа на третман со оваа терапија, сега истата ја примаат 43 пациенти со оваа дијагноза. Особено е важно што со примањето на иновативните лекови може да се контролира прогресијата на болеста, додаде Милошев.

Директорот на Универзитетската клиника за неврологија, Иван Барбов рече дека повеќе од 50 отсто од болните од мултипла склероза примаат терапија.

Во септември 2017 година имало 383 пациенти кои примаат терапија, додека во октомври 2019 година тој број се зголемил на 535. За одбележување е зголемувањето на неколку лека од прва линија. Се зголемува и бројот на новите иновативни лекови од втора линија за лекување на многу активна болест. Ако во 2017 година сме имале само 30 пациенти со терапија од втора линија, во октомври годинава имаме 106 пациенти, истакна д-р Барбов.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев рече дека Фондот во 2020 година ќе располага со буџет од повеќе од 550 милиони евра, што е за над сто милиони евра повеќе средства од почетниот буџет во 2017 година, односно за 2018 година и годинава кумулативниот екстра расход на Фондот исто така бил над сто милиони евра вложени во здравствени услуги за граѓаните.

Сето ова се должи прво на општата владина стратегија и приоритет кон здравството како целина, но истовремено е и резултат на зголемената економска активност во државава, што резултира во зголемување на приходите на Фондот што ги враќаме назад во здравствениот секторо односно во корист на пациентите. Како резултат на ова општо подобрување на финансиската состојба во Фондот се овозможува дополнителни инвестиции во здравството и нови иновативни терапии меѓу кои лекот Окревус (Оcrelizumab) за мултипла склероза, додаде Дончев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.