Со цел никој да не биде пропуштен во пописот, Државниот завод за статистика (ДЗС) од утре ќе им овозможи на граѓаните да можат да отидат на одредни локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност.

Јасмина Ѓоргиева од ДЗС образложи дека тоа се однесува на оние граѓани кои поради некоја причина не успеале во изминатите 20 дена да остварат контакт со попишувачот, односно попишувачот поминал во нивиниот пописен круг, но не ги нашол во моментот дома, оставил или не оставил порака, едноствано не бил воспоставен контакт.

Тие граѓани ќе можат да појдат на овие локации во нивните општини и да се попишат. Овие локации, за секоја општина во државата, ќе бидат објавени попладнево на веб-страницата https://popis2021.stat.gov.mk/ и за сите подетални информации граѓаните ќе можат да се обратат и на телефоните што се објавени на веб-страницата, во контакт центарот на ДЗС каде ќе ги дадеме сите потребни информации – нагласи Ѓоргиева.

Таа напомена дека ова се однесува на оние граѓани каде попишувачот веќе поминал, но не успеал да оствари контакт со граѓаните.

Ѓоргиева информира дека се влегува во последна фаза од пописните активности на терен, кога се привршуваат сите активности што се спроведуваа последните 20 дена, кога попишувачите и нивните реонски инструктори ги посетуват сите пописни кругови, ги проверуват и се обидуваат да откријат дали некој е пропуштен.

Тоа е и целта на пописот. Никој да не биде испуштен, односно да биде офатено целото население кое живее на територија на Република Македонија – нагласи Ѓоргиева.

Таа потсети дека пописот трае до четврток, 30 септември, а попишувачите работат интензивно на терен, од 8 до 20 часот. Им порача на граѓаните кои досега не биле попишани, да бидат трпеливи и да очекуваат дека следните денови ќе бидат попишани. Ѓоргиева додаде дека некои граѓани ќе бидат опфатени последните три дена од пописот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.