Оваа влада е најголемиот непријател на правдата. Затоа толку грчевито се бори за да ги задржи привилегиите и инсталациите во обвинителството – обвини синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор по повод по повод одбележувањето на 29 години постоење на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Штип.

Според него премиерот Зоран Заев еднаш ќе се пофали дека имал две третини за законот за обвинителство, па кога ќе види дека нема, тогаш министерката ќе каже еве ќе го менуваме Советот на јавни обвинители, зошто таму не требаат две третини.

-Па сами си ги кажуваат задните намери кои имаат две цели. Првата е политичка да се пресметаат преку инсталациите во обвинителството со политичките неистомисленици и втората е да го заштитат криминалот кој што ќе го остават позади себе, а обвинителскиот систем да им биде слуга. Е тоа така не може. Тоа нема да помине. И ако се надеваат на некакво ново Пржино, некаков нов договор на кој ќе се повтори реприза на ослабено ВМРО-ДПМНЕ кое ќе потпишува се и сешто, надополнето со по некој Преторијанец во преговарачкиот тим, треба да знаат дека тој филм нема да го гледаат. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ и јас како негов претседател вам и на сите низ Македонија им ветувам правда, а за правдата не планирам никаков компромис. Нека слушнат и сите оние курири кои што ми ги праќаат овие од криминалниот октопод да преговараат за милост после поразот на изборите. Секој оној кој што се огрешил пред законите и се посрамотил пред граѓаните,нема милост, ќе одговара – порача Мицкоски.

Тој додаде:

Немојте попусто да се пенавите, да ја виткате кичмата и да молите за милост. Тоа што сте си дробеле, тоа и ќе сркате. Ќе бидете први соседи на таа што сега ја сместивте таму, Катица, Бојан Јовановски и Зоран Милески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.