Претседателот Стево Пендаровски во врска со одбивањето на членството во Европската економска зона без дебата во Собранието, во интервјуто за Канал 5 појасни дека тоа се случило уште минатата година во октомври, кога од високи европски функционери им било кажано дека можеби ни токмат нешто како резервен клуб, односно ќе ни понудат ЕЕЗ како замена за членство, за што било разговарано и на лидерска средба.

Потенцирам, тие не ни велат влезете тука, а паралелно како Хрватска ќе си преговарате и кога ќе влезете во ЕУ, излегувате од ЕЕЗ, бидејќи членството во ЕУ го подразбира и тоа. Не за Македонија, за цел Западен Балкан. Вели Босна, Србија, Црна Гора, утре Косово, Албанија овде не сте перцепирани добро, има муабети на периферијата на некои дебати дека можеби никогаш нема да станете членки. Земете го ова како замена, изјави Пендаровски.

Нагласи дека не станува збор за официјален предлог, туку од многу високи функционери во тогашната Европската комисија и Европскиот совет.

На лидерска средба јас изложив, мене ми е вака кажано. Беше и Мицкоски. Заев (кој исто така бил запознаен со предлогот од други европски функционери – н.з), рече мене ми е вака кажано. Кажете дали да одиме за ваква опција, ама нема членство. Меѓутоа сите присутни на средбата, сите десетина лидери рекоа „ако е тоа замена за членство, а замена е, не се нафаќаме, изјави Пендаровски.

Во однос на предлогот за промени во Законот за надворешни работи, за да може да се праќаат амбасадори со двојно државјанство, Пендаровски рече дека не поддржува такви промени.

Ако ги следите најдобрите дипломатски практики, на најдобрите дипломатски сервиси во светот,  во многу мал број од тие држави ќе најдете можност некој со две државјанства да биде претставник на нивната земја во друга друга земја. Тоа се само 10 до 15 проценти од државите, но со услов да го замрзне второто државјанството кога оди да биде амбасадор, изјави Пендаровски.

Државјанство во правна смисла е конекција меѓу држава и поединец, посочи Пендаровски, што подразбира одредена лојалност кон таа држава како поединец.

Да, не би требало. Јас мислам дека од претседателот на државата, од премиер и министри, зошто не и локални градоначалници. Да видиме кој се има двојно државјанство, изјави Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.