Дигитализацијата на Царовска ќе има негативен ефект кон учениците и наставниците, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева, која побара од министерката за образование и наука задолжително да ги слушне барањата на родителите, учениците и наставниците.

Голема е веројатноста резултатите од спроведување на дигитализација со која ќе се укинат учебниците како основно средство за едукација да бидат поразителни. Додека јавноста апелира да се развие план и програма како ќе се функционира на есен во училиште, Царовска се уште не дава никаков одговор.

Во скандалозниот закон кој во Собранието се најде со европско знаменце јасно може да се процени дека постои голема можност учениците од прво и четврто одделение да останат без учебници за наставната програма. Тоа е наведено во член 32 од Законот кој вели:

Материјалите за учење за наставните предмети во прво и во четврто одделение во основното образование, издадени од Бирото во учебната 2020/2021 година, продолжуваат да се користат како учебници во наредните учебни години, до донесување на нови наставни програми, рече Митева.

Според неа, дискриминацијата помеѓу децата ќе станува евидентна, а тоа не смее да си го дозволи една држава особено не во образованието кое е столбот на државата.

Не можеме да зборуваме за дигитализација додека во училиштата имаме неплатени сметки за греење, додека училиштата имаат долгови за превоз на учениците, додека немаме обезбедени инфраструктурни услови за тоа.

Не може сите студии на државите во светот да се погрешни кога велат дека најмладите треба времето поминато пред дигитални уреди да го сведат на минимум, само нашата министерка да има правилна анализа и студија, вели Митева.

Митева вели дека аргументите на родителите се посилни затоа што оваа концепција нема научен пристап, нема суштинска анализа за која можеме да зборуваме.

Имаме само желба за спроведување на дигитализација вредна десетици милиони евра годишно, притоа укинувајќи ги учебниците. Царовска, денешниот протестот е Уставно загарантирано право, но треба да го погледнете и како реакција на вашата ароганција и начин да се спречат вашите погрешни политики, рече Митева.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.