Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување во Рома Њуз истакна дека изминатиот период владата има потценувачки и недостоинствен однос кон Ромите, нагласувајќи дека е неопходна целосна инклузија во институциите.

Мора да се спомене фактот дека на Филолошкиот факултет има катедра за Ромски јазик која што е формирана во времето на ВМРО-ДПМНЕ и уште многу, многу проекти кои што се формирани во ромските средини. И за жал некако изминатите години, ВМРО-ДПМНЕ и покрај сето она што квалитетно го направи во споредба со СДСМ во однос на Ромите како да не добива на задоволително ниво поддршката на Ромите, како некои други работи кои што поминуваат за ден, два, три или недела се поважни и поприоритетни отколку стратегија на среден и долг рок, вели Мицкоски.

На прашањето кои проблеми на Ромите треба итно да се решат во државата, Мицкоски рече дека тоа е прв приоритет е обезбедување на соодветно образование, инфраструктура во местата каде што живеат Ромите, обезбедување на социјална помош на семејствата, како и стекнување на занает на повозрасната категорија на граѓани кои од одредени причини не се достапни на пазарот на труд.

Па мислам дека најпрво треба да се тргне од самиот почеток, а тој почеток е секој Ром да добие соодветно образование, секое Ромче да добие соодветно образование, почнувајќи од основното образование, средното па и универзитетското образование. Мислам дека тоа треба да биде прв приоритет, нагласи Мицкоски.

Потоа би рекол, како втор приоритет е комуналната инфраструктура во средините каде што живеат Ромите. Тука не зборувам само за општината Шуто Оризари, тука пред се мислам на средините каде што живеат во Македонија практично живее ромско население, бидејќи сега како што е, ако прошетате во Гостивар, во Кочани, Штип, па и во скопско Шуто Оризари и во други места ќе видите дека тоа е на едно многу ниско, примитивно ново, буквално како да е од 19тиот век и многу малку се направило и тоа што се направиле е од времето кога беше ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.

Понатаму, треба да се обезбеди соодветна преквалификација на возрасните луѓе, да можат да се стекнат со некаков занает, нормално доколку тие луѓе немаат завршено соодветно образование, тоа да го обезбеди државата бесплатно. Да се зголеми се разбира достапот на социјална помош во овие семејства кои што од определени причини не можат пазарот на труд да бидат достапни итн. Има многу работи кои што треба да се направат за Ромите, тие беа дел од нашата програма. Но, повторно ќе кажам, жалам што некако некои други работи кои што се забораваат за ден, два, три беа поприоритетни за Ромите, отколку ова што ние го нудиме како среднорочна и долгорочна стратегија, вели Мицкоски.

Претседателот Мицкоски објасни дека приоритет за ВМРО-ДПМНЕ во следниот период е да се отворат и други Општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ не само во Шуто Оризари, како и нивна инклузија во органите на партијата.

Она кое што за ВМРО-ДПМНЕ станува приоритет во периодот кој што следи е да направи сопствена инфраструктура во средините каде што живеат Роми, не само во Шуто Оризари, таму имаме и свој Општински комитет. Тоа сакам да го направам и во другите средини и градови каде што се наоѓаат Ромите, да бидат дел од Општинските комитети во тие средини и истовремено да бидат дел од Извршниот комитет на партијата, во комисиите на партијата, заклучи Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.