За време на презентацијата на Андон Сарамандов како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, за градоначалник на Гевгелија, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, порача дека Гевгелија е позната град на сонцето, каде што во исто време мириса на планинскиот воздух од Кожув и на медитеранските струи од југот, но од вечерва, има и изразен мирис на промените, кои ќе се случат затоа што народот ги бара и посакува.
Во својот говор, Мицкоски потсети дека Гевгелија раѓала грамадни големини низ времето, дека овде луѓето на организацијата биле страв и трепет за поробувачите. Тој ги спомна војводите Аргир Наков Манасиев, Леонид Јанков или партизаните Јосиф Јосифовски, Иван Дојчинов, но и оние кои со перо се бореа за каузата и оставаа дела зад себе како Илија Џаџев, Камберски, Старделов и други.
Мицоски истакна дека ги споменува и потсетува на овие имиња за да го долови богатството на нашиот идентитет, затоа што, како што порача, оваа почва раѓала јунаци подготвени за пушка, но и со перо и хартија да се борат за своите идеали.
Не помала задача имаме и денес. Помина тоа време кога пушката имаше значение, но овој пат наша задача е да ја извадиме земјата во хаосот и апатијата во која е фрлена и оставена од неодговорните луѓе.
Апатијата во која се наоѓа земјата не е само последица од една грешка или повеќе грешки, туку од еден континуитет на погрешни одлуки и владеења кои оставаа белег на секоја генерација млади луѓе.
За жал имаме општество каде се владее преку делби и конфликти, а секоја акција во тој поглед значи и реакција. И се така во еден круг. И затоа народот си мисли се најлошо за политичарите и политиката како таква. А што друго би помислиле кога секој ден слушаме афери, скандали, неправди… и една сеопшта психоза каде актуелната власт се претвора во убиец на секоја надеж. Тие сакаат да ја убијат секоја надеж за да не гледате и расудувате јасно и да мислите дека сите се исти, а кога не сме. Сето тоа е надополнето со една кампања на релативизирање. Релативизирањето кое го прават е за да го замајат вашето чувство за перцепција.
На што точно мислам ќе објаснам пластично.
Ќе излезе огромен скандал, а такви имаме на неделна основа. Било да се провизии за вакцини, лажни пасоши, некој директор фатен со туце пари или нешто слично. Тука се гласноговорниците на власта, да потсетат и набедат дека тоа не е толку лошо, затоа што се правело и порано, а тоа што било порано како по дефиниција го опишуваат како најлошо. Не им верувајте. Тоа е рецептот да си помислите исто зло се сите.
Да ви кажам, не сум ниту судија, ниту полицаец и народот добро споредува и оценува кој што правел, но знам дека на сцена имаме нова генерација на политичари во ВМРО-ДПМНЕ која ќе го победи овој режим од власт и овие стагнација и апатија и песимизам.
И да ви кажам уште една работа, можат да преговарат за многу работи, но на ВМРО за денес, или било кога порано не може да му преговарат за една работа, а тоа е дека сме способни, подготвени и работливи. Помножено сто пати повеќе во однос на оваа неспособна власт која пустоши во Македонија и во Гевгилија, и ВМРО, кое тоа што ќе науми и тоа ќе го оствари. Никогаш не се плашиме од работа – истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, порача дека Андон Сарамандов, кандидатот на партијата за градоначалник е новото лице кое ќе донесе промени во Гевгелија. Мицкоски истакна дека лично знае колку вреден и чесен човек е Сарамандов и дека тој има план и визија за равој и ќе донесе решенија на многу проблеми.
На овие локални избори одлуката е помеѓу неспособна власт и нови способни луѓе кои сакаат да работат за народот, кои ќе ги придвижат работите. Помеѓу силно корумпирани шерифи кои ќе одговараат и чесни луѓе. Одбирате помеѓу оние кои прават поделби и оние кои е работат за сите луѓе. Македонија е за сите луѓе. Гевгелија е за сите луѓе. Допрва доаѓа најдоброто – порача Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.