Од Детската амбасада „Меѓаши“ велат дека потполно ги поддржуваат средношколците во нивните напори да бидат слушнати и вклучени во донесувањето одлуки поврзани со начините на изведување настава во текот на претстојната учебна година.

Исклучително е важно вашето учество како средношколци, особено за прашања кои директно ве засегаат. Тоа е показател за вашата зрелост и висока свест да ја преземете одговорноста за сопствениот живот, одговорноста кон себе и кон општеството, се вели во пораката која од Првата детска амбасада ја упатуваат до средношколците.

Свесни сме на притисоците на кои сте изложени и најостро ги осудуваме нападите кои одат кон вас, особено оние на етничка основа. Сметаме дека овие напади се обид за неосновано дискредитирање на вашите барањата што е одраз на недостатокот на демократска култура во нашето општество, се додава во соопштението.

Исто така се објаснува дека во изминатиот период до „Меѓаши“ се обратиле повеќе ученици со цел споделување на нивните ставови во однос на начините на изведување на наставата во претстојната учебна година.

Постои плурализам на мислења и со оглед на тоа, ве замолуваме да ги земете предвид и мислењата на средношколците/ките кои се со различни мислења и ставови од вашите, да се грижите и нивните гласови да бидат слушнати, како помеѓу вас така и пред институциите, се истакнува во пораката.

Од „Меѓаши“ упатуваат апел до институциите да обезбедат континуирано и системско учество на учениците, средношколците и основците, во донесување на одлуките од областа на образованието.

Ваквото учество не смее да биде сведено на еднократни средби, по кои учениците нема да бидат известени ниту дали, ниту пак како нивните мислења биле земени предвид во донесувањето на одлуките, се вели во пораката од Првата детска амбасада.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.