Притворањето на екс-генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, поради неговиот нов случај „Трезор“ при набавката на софтвер за наводно поголема безбедност во сообраќајот, сосема основано го поставува прашањето зошто премиерот Зоран Заев престана да го брани својот пулен, иако по избивањето на целиот скандал јавно не убедуваше сите дека се било легално и транспарентно, анализира „Пресинг ТВ“.

Само неколку дена по донесувањето на првостепената одлука на Кривичниот суд за предметот „Трезор“ на поранешното СЈО, во кој главните актери добија долгогодишни затворски казни, основна оценка беше дека УБК не била надлежна за набавка на електронска и комуникациска опрема и се поврзано со тоа требало да оди преку надлежните служби на МВР.

И во конкретниот случај генсекот Рашковски ја злоупотребил позицијата и вршел набавка на опрема за потребите на МВР, иако за тоа и според законските одредби немал никакви овластувања. Можеби е малку наивно да се прави споредба или паралела меѓу двата случаи, но суштината е иста. Разликата е само во личностите, висината на износите, предметот на набавка и неговата цел, а шемата е речиси идентична.

Оттука, на обвинението на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција може да се гледа само како на негов првичен чекор. Зашто, целата шема не може да се сведе само на четири лица, дотолку повеќе што таа ни случајно не можела да се спроведе и реализира без знаење на луѓе од МВР за кое бил и наменет софтверот, па и од самата Влада, која во суштина преземала ингеренции, што не и припаѓаат.

И повеќе од сигурно не беше случаен и обидот на премиерот Зоран Заев да застане во одбрана на Рашковски. Тој вети обелоденување на сите документи поврзани со набавката на софтверот, но по сплет на чудни околности се откажа од тоа.

Дали првичното ставање на авторитетот на Заев како залог за одбраната на Рашковски не покажува барем две елементарни работи? Прво, дека самиот тој бил добро запознат со целата постапка, што на извесен начин, во најмала рака, го прави и поттикнувач или соучесник во неа. И второ, со кого во МВР се водела целата комуникација, ако за тоа не бил известен во тоа време техничкиот министер за внатрешни работи? Потребата на МВР воопшто од таков софтвер е сосема друга работа. На крајот на краиштата, можел ли Рашковски да ја спроведува целата постапка без за тоа да го информира својот ангел чувар Зоран Заев?



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.