Народната поговорка вели „брзата кучка слепи кутриња раѓа“. Прашањето е тогаш зошто СДСМ брзаше по секоја цена да ја озакони откупнината на гасоводот ГА-МА од партнерот на државата АД Макпетрол и да плати 33 милиона евра, анализира „Нетпрес“.
Јасно е дека не може да се оспори партнерството како партнерство на Макпетрол во ГА-МА, додека процентуалната поставеност и вредност треба да ги оценат стручни служби без притисоци и обиди за поткуп. Од друга страна, прашање е како е одредено обесштетувањето за нешто што на хартија постоеше како голем проект, а во пракса не проработи и не го донесе пресвртот во користењето на енергенсите, односно зголемување на еколошките капацитети на државата. Во пракса е востановено дека постои категоријата „амортизираност“, иако самата власт вели дека вредноста на влогот на Макпетрол е 18.8 милиони евра, тогаш како истата пораснала за уште 14.2 милиони евра и на оваа компанија и исплаќа екстра пари.
„Нетпрес“ вели дека може само да се претпоставува каква е заднината на ова зделка. Дали со државни пари Зоран Заев купува нешто што треба да проработи по некое неодредено време, за после пак да биде продаден, но сега на странски вложувач? Така ќе си обезбедат двојна бизнис корист, и од сегашниот продавач и од идниот купувач. Нема ништо да не зачуди ако гасоводот послужи и за политичко поткусурување со некој од соседите, односно уште повеќе да си го дадеме задникот под наем.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека со 33 милиони евра СДСМ си го купува стрмоглавиот пад и паѓањето од власт. Затоа од оваа партија ќе речат дека најновата анкета на Телма го открива стравот на Заев од Мицкоски, како најголема закана за власта.
Според ВМРО-ДПМНЕ, анкетата со помош на ТВ Телма треба да покаже дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски слабо стои, за да се прикрие урнисаниот рејтинг на власта на СДСМ и Заев.
Колку можат Макпетрол и Телма да го спасат Заев од пропаст?
Во СДСМ се забележуваат расчленувања по лошата и понижувачка политика во односите со Бугарија и крахот за почеток на преговорите со Европската унија. Така што се почесто може да се видат лажни кои ги шират преку медиумски зависници.
Според „Нетпрес“ резултатите за власта се разочарувачки, будејќи понудениот заклучок од нарачателите на анкетата го проблематизираат и одговорите на прашањето „Колку сте согласни со Анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија, за гаранции на немање територијални претензии и за немешање во внатрешни работи, без навлегување во други вклучително и национални и идентитетски прашања?“. Притоа убедливо најбројни се испитаниците кои рекле дека воопшто не се согласуваат (43,6 отсто), а заедно со оние кои „донекаде“ не се согласуваат чинат мнозинство од граѓаните или 61,9 отсто. Целосно или донекаде со оваа идеја, пак, се согласуваат третина од испитаниците (33,5 отсто).
Иако скапо платената анкета требаше да им го подигне рејтингот на Заев и на СДСМ, таа откри дека Владата има убедливо најмала доверба во однос на која било друга влада во првите сто дена. Имено средната оцена на граѓаните за работата на Владата во првите сто дена дена е 2,46, а на прашањето „Како ги оценувате 100 дена работа на Владата“ со најслабата оцена 1 ја оцениле и најмногу испитаници – 35,3 проценти, со 2 – 19,4 проценти, со 3 – 20,1 проценти, со 4 – 14,2 проценти и со 5 – 11 проценти од испитаниците.
Така, криминалот, рецесијата и ветото Заев го чини доверба, а Мицкоски е посамоуверен во туркањето на Заев од власт. Како никој до сега, излегуваше со конкретни предлози за помош на власта, оти очигледно не ги бидуваше и за економија и за справување со корона-кризата.
Иако анкетата дава блага предност на СДСМ, всушност ВМРО-ДПМНЕ по сто дена се враќа со повисок рејтинг кај Македонците, а Албанците со помала доверба кон СДСМ.
Таа покажува поддршка под 20 проценти и разлика од само 0,5 отсто меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, односно прашани „Доколку утре се одржат избори за која политичка партија би гласале“ најмногу 18,6 отсто рекле дека би гласале за СДСМ, а 18,1 отсто за ВМРО-ДПМНЕ. Но реалноста се скрива во високата бројка на вкупно 41 отсто од т.н. „неодлучни“ гласачи и притоа на понудените прашања значителен број испитаници 23,8 отсто рекле дека „ќе го поништат гласачкото ливче/нема да излезат да гласаат“, а 17,5 проценти „одбиле да одговорат/не знам“. Анкетата покажува и дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа со повисок рејтинг кај Македонците, наспроти намалената доверба на СДСМ кај избирачите Албанци, сега од само 3,7 отсто, а што беше еден од факторите на коишто социјалдемократите ги темелеа тврдењата дека се водечка партија.
Според „Нетпрес“ целта е во јавноста да го замаскира стравот кај Заев од Мицкоски, кој многу јасно е најголема закана за власта. Откако пропаднаа обидите на СДСМ и неговата богато платена и метастазирана медиумска логистика да најдат соодветен за нив лидер на опозицијата. А не најдоа таква персона и, се чини, уште долго нема да најдат, во прв ред затоа што Заев не ќе може да покаже каков и да е успех во која и да е сфера, што беспредметно го прави искористувањето на нечии тајни или скриени амбиции да се преземе ВМРО-ДПМНЕ.
Но, и самиот Заев знае дека поддршката за Мицкоски кај гласачите е голема па оттаму и спротивно од реалноста, се наметна потребата да се фингира анкета којашто ќе покаже раст на неговиот рејтинг, наспроти пад на неговиот најголем опонент. Од друга страна, пак, интригантен е резултатот од истата анкета во кој СДСМ има речиси израмнет рејтинг во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа се наметнува прашањето, дали не станува збор за класичен синдром на импровизираниот недугави пиар да гради култ на личноста од Заев, што реално ќе биде невозможна мисија имајќи го предвид „материјалот“?! И зашто СДСМ е на голема пресвртница и покрај последната драмолетка на Заев со наводниот „цврст“ стави во однос на условите поставени од Бугарија за да му ги остварат ветувањата со кои се чука в градите уште од 2015-та.
Јасно е дека кога и поранешниот лидер на СДСМ и човекот кој го спаси Заев од судски прогон и можно откривање на милионски криминал со што поранешниот струмички градоначалник ќе загубеше секакви политички перспективи, Бранко Црвенковски го замрзна членството во партијата, започнуваат дворските игри и внатрепартиски пазарења на влијателни членови а поддршката од независните гласачи е неповратно загубена. Па затоа мора да биде впрегне медиумската орда со нејзината веќе докажана практика на ширење лажни вести и хиперпродукција на „потемкинови села“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.