Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, гостуваше во дебатната емисија „Прашањето ми е следно“ на порталот Инфомакс, при што истакна дека веќе неколку години, а последната година интензивно, е мета на медиумски напади кон него и неговото семејство, што доволно кажува за тоа каква власт ја води Република Македонија изминатите речиси четири години.

Мицкоски потенцира дека тоа се случува затоа што Зоран Заев иако навикнал да разговара со лидери на партии нудејќи бизнис зделки и криминали за да ги остави на мира, сепак Мицкоски не е човекот кој ќе подаде рака за криминално дејание, како што тоа со задоволство го прави Заев.

Низ медиумите шират теза дека Мицкоски е тотално небитен, лидер со мала поддршка, човек кој не разбира политика итн. Па зошто тогаш толку трошат енергија на Мицкоски и на тоа да се омаловажи неговиот лик? Зарем толку им бодам во очите? Тоа што секојдневно се опседнати со мене и моето работење, укажува на фактот дека јас и ВМРО-ДПМНЕ сме на вистинскиот пат и дека на Заев му останува уште многу малку од премиерскиот мандат – додаде Мицкоски.

Тој истакна дека во изминатите триесет години не се памети дека некој лидер во опозиција бил предмет на толкави напади од медиумите, но и директно од политичарите на власт.

Ова е прв пат да се случи партија на власт којашто во Владата има свој премиер, да го напаѓа лидерот на опозицијата и да му се заканува на него и на неговото семејство, само за да ја задржи владејачката моќ, но и на тоа ќе му дојде крајот – заврши Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.