Поранешниот премиер Никола Груевски отворил фирма во Унгарија – ова денеска е главна вест во медиумите, главна вест на социјалните мрежи. Дали во земјава не се случува ништо важно и суштинско за ова да биде вест на денот? Лице кое легално престојува во друга земја регистрира фирма. Фирма во Европа може да регистрира секој просечен граѓанин. Да, се работи за експремиер во земјава, но тој живее во Унгарија, ослободен од тамошните власти за пресудите против него во земјава кои се сметаат за политички мотивирани.
Додека до неодамна го демнеа низ Будимпешта, го следеа кој бил кај него, со кого пиел кафе, со кого седнал на ручек, сега сме сконцентрирани на фирма на негово име, која има широк дијапазон на дејности како што илјадници луѓе прават кога регистрираат фирма. Главна дејност ја е давање консултански услуги. Спорно? Да, за сензација ќе се најде и нешто спорно!
Регистрацијата на фирмата е јавна, секој може да добие податоци од тамошниот централен регистар. Како и тука и таму регистрацијата на фирма е со симболичен капитал, незначителен влог. Ништо тајно, ништо незаконски. Но се чини што и да работи експремиерот, во Македонија ќе биде интересна тема на муабет. Веќе петта година откако Зоран Заев ја зазеде премиерската функција, но и ден денес за се што не чини е виновен Груевски. За секоја критика упатена на сметка на Владата, одговорот е дека е последица на владеењето на Груевски. Државата се задолжува, странски инвестиции нема, луѓе остануваат без работа, фабрики се затвараат, но во центарот на вниманието е што прави Груевски.
Досега главна тема на муабет беше од што живее Груевски. Денеска главна тема е зошто Груевски регистрира фирма. Се чини „сензационалната вест“ го даде одговорот на прашањето од што живее Груевски.
Каде е Груевски и како стигна до таму е прашање кое постојано е поставувано и анализирано. Но од што живее и како ќе преживее народот во Македонија е едно од побитните прашања. Како Источна Македонија ќе се справи со невработеноста. Затворените фабрики повлекуваат низа последици. Колкава ќе биде куповната моќ на населението, колку други бизниси ќе пропаднат поради тоа. Дали е реално покачена просечната плата во земјава, дали се реални покачувањата на пензиите?! Како туристичките места ќе ја поминат сезоната? Има низа прашања кои имаат посуштинско значење од тоа дека Груевски регистрирал фирма.
Да се занимаваме со иднината на нашите деца, а не со минатото на нашите политичари!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.