Зоран Заев денеска одговори за случајот „Рекет 2“ и за повиците Ден Дончев и Венко Филипче да бидат изземени од позициите заради поднесена кривична пријава против нив за рекетирање, злоупотреба на државни институции и обиди за преземање на домашна компанија. Заев со денешниот заеднички настап со Ден Дончев и Венко Филипче, потврди дека имале средби со Зоран Милески Кичеец, човекот со кој што се надополнува кривичната пријава за „Рекет 2“. Зоран Заев потврди дека знаел за „Рекет 2“ и дека е вистина наводот во Кривичната пријава за одвраќање на странскиот здравствен гигант да влезе во Македонија, истакна денеска на пресконференција, Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО – ДПМНЕ.

Зоран Заев денеска откри дека речиси цела година однапред знае што ќе работи обвинителството и знае против кого и каков случај ќе отвора обвинителството. Зоран Заев ја потврди спрегата на октоподот, Зоран Заев ја потврди спрегата на извршната и јавнообвинителската власт, Зоран Заев потврди дека е запознаен со рекетирањето и случајот „Рекет 2“! Октоподот на власт нема намера да има расчистување на високата корупција. Зоран Заев застана со Ден Дончев и Венко Филипче, што според сите критериуми е покажување на политичка заштита врз овие двајца среде отворен процес по поднесена кривична пријава, вели Стоилковски.

Наспроти лагите за борба против високата корупција, Зоран Заев со денешниот настап со Ден Дончев и Венко Филипче упати невербална порака дека треба случајот да се забошоти. Оттука Заев невербално порача дека двајцата нема да бидат тргнати од позициите каде што може да влијаат врз докази и сведоци. Заев невербално порача дека е против расчистување на дилемите имало или не исплаќани месечни транши кај благајник со брада во струмичко. Едноставно, Заев со денешната прес конференција со Дончев и Филипче упати невербален притисок врз правниот систем во Република Македонија.

Како што додаде Стоилковски, додека државната мафија и октоподот е на власт, Македонија нема да исполни едно круцијално прашање за евроинтеграциите, а тоа е борба против криминалот и корупцијата. А, токму тие се одлика на оваа власт.

„Рекет 2“ е продолжение на обидите на октоподот на власт да ја убијат борбата против високата корупција, „Рекет 2“ е продолжение на срамната истрага за „Рекет 1“, за забошотувањето на истрагата за „Леонардо“ и за сите коруптивни скандали на октоподот. Ова е неподносливо и неиздржливо за капацитетот на Македонија, потребни се итни избори, избори за обнова на Македонија и конечно понесување на одговорност за севкупната девастација на Република Македонија, заврши портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.