По гласните негирања на информациите кои доаѓаат од Брисел, премиерот Заев сега признава дека датумот за преговори со ЕУ би можеле и да не го добиеме во јуни.

Ние лани добивме ветување дека овој јуни би можеле да добиеме датум ако ги исполниме четирите точки, судство, јавно обвинителство, безбедносни структури, корупција. Досега се сме исполниле, заедно гласавме со опозицијата за овие реформи, рече премиерот Зоран Заев на гостувањето на една локална телевизија.

Заев меѓутоа минатата година во јуни говореше нешто друго, беше категоричен дека Македонија добила датум за преговори и оти ЕУ донела историска одлука. Дури рече дека околу тоа нема никакви дилеми и дека ЕК никогаш повеќе нема да се враќа на датумот за преговорите и дека е дегутантно да се негира таквиот факт.

Треба да се израдуваме, Македонија доби датум за почеток на преговори во јуни 2019 година…. Мислам дека е дегутантно да се негира таквиот факт, изјави премиерот во јули 2018 година.

Всушност, дека нешто не е во ред со ова категорично тврдење на Заев се покажа уште во декември минатата година кога самиот призна оти претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, им пренел на него и на шефот на дипломатијата Никола Димитров дека датумот за преговори е опција доколку се направат сите барани реформи.

Туск даде силна поддршка на она што се случува во Македонија и тој ни гарантираше дека со завршувањето на овој процес и на реформите извесно е дека Македонија во јуни ќе добиеме датум за преговори на Европскиот совет, бидејќи тоа е проектиран датум ако сите работи се одвиваат по редоследот по кој веќе и се случуваат, изјави премиерот Заев по средбата во декември.

(Извор – ТВ Алфа)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.