Вчера беше објавен Извештајот на Стејт департментот за минатата 2020 година за почитување на човековите права во Македонија, во кој меѓу другото се наведува дека земјата постигнала напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување во земјава, но сепак и новата администрација во Вашингтон констатира дека сѐ уште постојат проблеми што се провлекуваат од минатите години, како што е насилството и заплашувањето на новинари, се наведува во соопштението на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Како што стои во објавата на новинарскиот еснаф, во извештајот се нотирани „речиси сите посериозни напади врз новинари за последните две години и истакнат е проблемот со неказнивост за насилствата врз новинарите“, нешто за кое ЗНМ честопати алармираше во јавноста.
„Покрај ова, во извештајот нотирано е и дека во изминатата година одговорот од страна на властите на случаите на насилство и заплашувањето кон новинарите беше бавно и неефикасно“, велат од ЗНМ.
Во обраќањето до јавноста, од ЗНМ посочуват и дека во извештајот на Стејт департментот е нотирано дека во април новинарите и вработените во медиумите Душица Мрѓа, Наташа Стојановска, Горан Трпеноски, Влатко Стојановски, Билјана Николовска, Томе Ангеловски и Игор Јанковски поднесоа тужби пред Граѓанскиот суд во Скопје барајќи правда за инцидентите од 27 април 2017 во Собранието и оти во извештајот се нотира дека судската постапка за овој случај сѐ уште е тековна.
„Стејт департментот нотира дека во Извештајот на Фридом Хаус за слободата во светот во 2020 објавен на 4 март забележано е подобрување на резултатот од две на три (од максимални четири поени), „Затоа што притисокот врз новинарите е намален во последните години“. Во годишниот светски индекс на слобода на печатот на „Репортери без граници“ објавен на 21 април забележано е „мало подобрување“ на слободата на медиумите во земјата. Во извештајот се додава дека, „за жал, високите владини претставници имаат тенденција да им се закануваат и да ги навредуваат новинарите. Културата на неказнивост е добро вкоренета во државата и сè уште е пречка за безбедноста на новинарите. Бројот на физички напади врз новинари се намали, но сепак, постои растечка пракса на таканаречено онлајн, компјутерско малтретирање и вербална злоупотреба“, посочуваат од ЗНМ.
Се додава и дека во овој извештај на Стејт департментот нотирано е дека според анализата на Балканската мрежа за истражувачко новинарство, објавена на 14 август, партиите потрошиле скоро два милиони евра (2,4 милиони долари) на реклами, 550.000 евра (660.000 долари) на онлајн медиуми, 150.000 евра (180.000 долари) на радио реклами и 40.000 евра (48.000 долари) на печатени медиуми.
„Овие податоци за Здружението на новинари на Македонија беше проблематично што политичките партии можеа да одлучат без никакви критериуми во кои медиумите ќе пласираат реклами. Државната антикорупциска комисија, во нацрт Националната стратегија за борба против корупцијата, одобрена од извршната власт во јануари, ја повика владата да го прекине платеното политичко рекламирање во медиумите, гледајќи го на тоа како „потенцијален ризик за корупција и создавање на клиентелистички односи“, наведуваат уште од ЗНМ.
Додаваат дека, исто така, Извештајот содржи дека заклучно со 24-ти октомври, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) регистрирало 16 случаи на напади врз новинари, од кои 14 случаи биле вербални, од кои повеќето беа закани по живот на социјалните мрежи, а два биле физички. ЗНМ го забележало фактот дека од сите вербални напади, осум се насочени против новинарки.
„Во сите случаи, ЗНМ ги повика полицијата и обвинителството да истражат и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата и ја повторија загриженоста дека неказнивоста останува сериозно прашање во врска со нападите врз новинарите. На 28 јули, ЗНМ го повтори својот апел до властите да го изменат и дополнат кривичниот законик за да осигурат дека нападите врз новинарите се третираат како кривични дела кои се гонат по службена должност. И оваа година во делот за медиумите и слободата на изразување Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), дури четири пати се спомнува како референтна организација која останува и понатаму веродостоен партнер на Стејт департментот“, се додава во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.