Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува јавниот понижувачкиот однос на независниот кандидат за градоначалник за општина Кичево, Фатмир Лимани, кон новинарката Салије Садику од ТВ21.
Од ЗНМ бараат јавните чинители да внимаваат на нивниот однос особено кон жените новинарки во државата.
Додека новинарката Салије Садику, известувала за локалните избори во Македонија се соочила со непријатна ситуација проследена со агресивен говор и обвинувања од страна на независниот кандидат од Кичево, Фатмир Лимани кон неа лично и телевизијата ТВ 21. Колешката Садику била присутна на настанот со цел да пренесе на граѓаните информации од изборните циклус и наместо да добие одговор од кандидатот таа била грубо навредувана, а потоа и исвиркана од толпата.
Според колешката Садику, стотина симпатизери кои го поддржуваат Лимани, а кои биле присутни во моментот на инцидентот, ноќта на 17. октомври, ракоплескале кога се случил настанот. Во нејзината реакција до канцеларијата на ЗНМ, Садику појасни дека: „Во неделата екипата на ТВ21 заедно со екипите на ТВ Клан и МТВ бевме во штабот на Лимани во 20:00 часот, од таму шефот на кабинетот Бејтула Емини ни рече дека се уште не се подготвени, но и ќе ги чекаат резултатите. По неколку часа откако се вратив да земам изјава од кандидатот, тој пред присутните стана и со висок тон почна да вика кон мене со зборовите: ‘Вие сте најлошото нешто што им се случило на граѓаните, вие сте крвопијци. Вие сте виновни што Кичево стигна во оваа ситуација каде се наоѓа. Вие сте со власта и работите еднострано’. Јас се повлеков наназад и во тој момент присутните кои беа повеќе од 100-тина лица почнаа со гласен аплауз и кон мене извикуваа со извици уууууу…“, изјави Садику.
Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е подигнување на свеста на кандидатите за градоначалници и сите политички чинители во изборниот циклус кон новинарите бидејќи во овој момент следи и вториот круг од локалните избори во повеќе општини.
Сметаме дека доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните – се наведува во рекацијата од ЗНМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.