Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ги осудуваат нападите врз новинарите и медиумските работници кои се случија денеска за време на протестите против пресудите за случајот „Монструм“.
Според кажувањата на колегите од МИА, имало обид да им се одземе опремата и турканици, при што снимателот бил турнат, а неговата опрема оштетена. Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволив во демократски земји, наведува ЗНМ.
ЗНМ уште еднаш предупредува дека неказнивоста на нападите и медиумските работници може да поттикне посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување, како и правото на информирање на граѓаните. Затоа е важно, дополнува ЗНМ; што поскоро да се измени Кривичниот закон во насока на системска заштита на новинари и медиумските работници.
Во текот на протестите од страна на демонстрантите физички била нападната новинарска екипа на новинската агенција МИА, при што имало и обиди за одземање на опремата за снимање. За среќа нападнатите медиумски работници се извлекле без посериозни повреди. Во вториот случај, новинар на дневниот весник Слободен печат бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека кои го извлекле на страна, му ја свиткале раката, безобразно и дрско се однесувале кон него и не го пуштиле додека не го избрише снимениот материјал со изговор дека ги снимал полицајците во лице, наведува Синдикатот.
ССНМ смета дека ваквото однесување на полициски службеници е недозволиво и бара остра и ефективна реакција во изнаоѓање и казнување на полицските службеници кои го оневозможиле новинарот на Слободен печат да си ја извршува својата работна задача. Воедно бара од надлежните државни органи да ги пронајдат и казнат насилниците во врска со нападот врз екипата на МИА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.