Здружението на новинари на Македонија бара од Министерството за внатрешни работи гарантирање на безбедноста на присутните новинари и сниматели, на протестите кои се одржуваат против новите анти ковид мерки. Слободата на говор и правото на протест е загарантирано право и уставна категорија, велат од ЗНМ, меѓутоа кога со злоупотребата на овие права се загрозува безбедноста и животот на другите, во случајов новинарите, бараме итна превентивна реакција на институциите.

Говорот на омраза кон одредена група може да поттикне насилство од омраза за кое кривичниот законик предвидува поголеми затворски казни. Исто така, новинарите кои се службено присутни на јавни протести со цел истите да ги проследат таму се на работна задача во интерес на јавноста и правото на информирање. Нарушување на нивната безбедност од јавни настани го ускратува и правото на граѓаните да бидат информирани, се вели во реакцијата од ЗНМ.

На вчерашниот јавен протест, организиран од страна на група граѓани поттикнат од новите мерки за превенција беа упатени вулгарни пораки и груби навреди кон новинарите, потенцираат од ЗНМ, а на тој начин индиректно ја загрозија безбедноста на новинарите и снимателите кои беа присутни да го проследат овој настан. Анонимните говорници на овој протест не само што самите преку својот говор ја загрозија безбедноста на медиумските работници тие дополнително ја поттикнаа и присутната толпа да учествува во омаловажувањето новинарите, се вели во реакцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.