Сообраќајната несреќа во Бугарија во која, според последните информации, загинаа 44 луѓе отвори дебата во бугарската експертска јавноста за безбедностa на патиштата, и особено за начинот на кој е проектиран автопатот во делот каде изгоре автобусот на „Беса Транс“.

Имено, несреќата се случила на делница од автопатот Струма, точно во делот каде покрај патот од десна страна има таканаречено „островче“, односно место за паркирање и одмор, одделен со метална банкина која всушност се појавува одеднаш бидејќи е поставена во закривен дел од патот.

Освен што на тој начин се создава проширување на коловозот, одвоен со заштитна ограда во која впрочем удрил автобусот пред да се одбие кон другата заштитна ограда, дополнителен проблем претставува слабото осветлување и лошата сигнализација, со оглед дека знакот не бил соодветно поставен.

Богдан Милчев од бугарскиот Институт за патна безбедност порача дека во земјата има сериозен проблем со проектирање на патиштата. Затоа, тој побара да се формира Државна агенција за патна безбедност, со цел да се подобри организацијата на движење на учесниците во сообраќајот.

И македонските сообраќајни експерти велат дека станува збор за таканаречена „црна точка“. Наместо да се преземат мерки на претпазливост кои би го намалиле ризикот од несреќи, според нив, со начинот на изведба и обележување на паркингот ситуацијата на терен дополнително се комплицира.

Стоимко Златковски, професор на Техничкиот факултет во Битола, за Фокус вели дека грешката е направена при проектирање на патот, кога, според него, веројатно поголемо внимание се посветувало на градежниот сегмент, отколку на сообраќајните аспекти и стандарди.

Кога ќе ја видите регулативата, таа пропишува дека возачот треба да се приспособи на условите на патот. Меѓутоа, при проектирање на патот, треба да се имплементираат стандарди за безбедност во сообраќајот, кои условите на патот би ги направиле што подобри, со цел да се избегнуваат вакви несреќи – вели Златковски.

Експертот за безбедност во сообраќајот посочува дека паркинзите секогаш се изведуваат на десна страна кога има погодна конфигурација на патот, со сигнализација за успорување. Но, како што потенцира тој, сососема е атипично паркинг да се издвојува со банкина која практично се испречува среде патот, бидејќи тоа може да ги збуни возачите.

Треба да се има во предвид дека на автопат се вози брзо, а во случајот имаме возење навечер на долга релација, кога концентрацијата опаѓа. Сето тоа треба да се земе во предвид при проектирањето и да се утврди најдобра опција за стабилизација на возилото кога губи контрола – објаснува Златковски, кој врши експерзиза за сообраќајни незгоди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.