Во изминатата година два сум повикуван во полиција за да ми бараат извор на информација.Првиот пат за снимката во која се слуша како Драги Рашковски бара мито за тендер, вториот пат за снимката во која се слуша како градоначалник од власта тепа човек во канцеларија, коментира на Фејсбук новинарот Љупче Златев по повод светскиот ден на слободата на медиумите.

Во двата случаи под истрага за кривична одговорност полицијата ме стави мене а не криминалецот Рашковски и насилникот Курто Дудуш.

Во изминатата година десетици пати се водеше јавна хајка против мене и моето семејство водена од политички центар. Ми напаѓаа блиски луѓе, цели кампањи се водеа. Адреси ни објавуваа и на линч повикуваа. Полицијата уште не ги откри кои се.

Во изминатата година се изначитав измислици од типот дека сум земал 2.5 милиони евра од странски премиер, дека сум бил од цела група поврзана со Јанша и Орбан. Ова се говореше од партиска говорница на владејачката партија, со цел смислено да бидат стигматизирани независните медиуми.

Во изминатата година спинуваа, кога пишував дека жените во Боговиње немаат права и се жртви на насилство, ме нарекуваа шовинист. Кога барав секуларизам јавно политичари ме нарекуваа исламофоб.

Во изминатата година власта проба да не цензурира преку своите полтрони од ЗНМ и СЕММ и да ни забрани да си ја работиме нашата работа сите оние кои работа во медиумите кои не се под контрола на власта.

Во изминатата година бев нарекуван шпион, платеник, криминалец само затоа што откривав милионски корупциски афери.Вака изгледа една година за новинар во заробена земја.

После цела тортура некој ќе ме убедува да славам светски ден на слободата во медиумите? – Ма ајде ви се молам!Далеку сме ние од светот кога е во прашање слободата на изразување, далеку сме и од Балканот!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.