Германската канцеларка Ангела Меркел се изјаснила негативно по желбата на Европската комисија за брзо давање датум за преговори на Македонија за приклучување во Унијата, пишува весникот „Зиддојче цајтунг“, а прнесува Дојче веле на македонски јазик.

Повикувајќи се на свои неименувани извори, германскиот весник „Зидојче цајтунг“ денеска пишува дека на седница на Комисијата за европска политика на Бундестагот, германската канцеларка Ангела Меркел ставила јасно до знаење дека одлука за датумот за преговори на Македонија за приклучување во Европската унија е можно да се донесе „најрано во октомври“.

Со тоа, канцеларката застана јасно наспроти својот коалициски партнер – СПД, која се залага за гласање (за датумот, н.з.) во Европскиот совет веќе на 18 јуни. Државниот министер (во германското МНР, н.з.) Михаел Рот од СПД во Комисијата за европска политика во вторникот категорично се залагал за почеток на преговори за приклучување, но не наишол на ‘отворни уши’ кај ЦДУ и ЦСУ. Македонија постигна согласност со Грција за промена на името, меѓу другото и за да го отвори патот за преговори за приклучување во ЕУ, пишува денеска влијателниот „Зиддојче цајтунг“.

Евроинтеграцијата на Македонија вчера предизвика жестока полемика и на пленарната седница на Бундестагот, која всушност беше посветена на ратификацијата на протоколот за членство на РСМ во НАТО. Пратениците со мнозинство гласови се изјаснија за прием на РСМ во алијансата, но во дебатата се препукуваа околу датумот за преговори за приклучување во ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.