Без починатите од вчерашниот ден, во изминатата недела 41 пациент ја загубиле битката со Ковид-19, што е за 17 повеќе отколку претходната недела, кога пак бројот беше зголемен за седум.

Министерот за здравство Венко Филипче изрази загриженост за зголемената смртност кај пациентите со Ковид-19 и најави дека деновиве ќе се прави анализа на што се должи неповолниот тренд во црните статистики.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат укажуваат на различни причини за статистичкиот пораст на починати во изминатите две недели, но не гледаат системска грешка. Од Клиниката за инфективни болести потенцираат дека не е надминат стариот проблем, односно предоцно јавување на пациентите да им се укаже лекарска помош.

Филипче потенцира дека дека оваа недела ќе се знаат причините за овие загрижувачки бројки и врз основа на тоа ќе се одлучи дали да се преземат дополнителни мерки.

Точно е дека последните денови е зголемен бројот на починати како последица на ковид-19, и тоа во последниве три дена. Претходно, процентот беше 6,5, сега е некаде околу 8 отсто. Правиме анализа, не сакаме да дозволиме да имаме преполни болници. Кога таа анализа ќе заврши ќе можеме да кажеме на што се должи и дали треба дополнително нешто да се преземе – изјави Филипче завчера.

Од Министерството за здравство, сепак, не објаснуваат кој ја прави анализата и кои се случаи кои се испитуваат.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.