По четиригодишна пауза, денеска во Загреб се одржа петтиот состанок на Постојаниот мешовит комитет за примена на Спогодбата за сукцесија на поранешна СФРЈ, на која високи претставници од државите сукцесори ја анализираа примената на сите анекси што се составен дел на Спогодбата и ги разгледаа другите релевантни прашања во врска со овој процес, особено прашањата за поделба на средствата во мешовитите банки.

На овој состанок, како што соопшти денеска МНР, учествувал заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски.

Високите претставници од државите сукцесори, застапувајќи ги интересите на своите држави, настојувале на состанокот да се постигне консензус за секое од прашањата кои биле предмет на дневниот ред, утврден со правилникот за постапување на Комитетот.

Жерновски на состанокот го изнел интересот на Македонија за доследна примена на претходно усвоените препораки на овој Комитет, инсистирајќи да се забрза процесот на поделба на дипломатско-конзуларниот имот на поранешна СФРЈ, потоа да се разгледаат и да се уредат прашањата со распределба на финасиските обврски и побарувања на поранешната заедничка држава, да се интензивира процесот на поделба на архивите, како и генерално да се унапреди и забрза работата на овој Комитет како надлежен за ефикасна имплементација на Спогодбата за прашањата на сукцесијата.

Жерновски, стои во соопштението, истакнал дека постојат евидентни резултати по однос на примената на Анексот Б, кој се однесува на поделбата на дипломатско-конзуларните имоти на поранешна СФРЈ. Македонија, се посочува, очекува добивка од околу четири милиони американски долари од продажбата на објектите на резиденцијата и Мисијата во Њујорк на амбасадите во Бон и Берн.

Ме радува податокот дека пред една недела е постигнат договор во рамките на Комитетот за Анексот В, за поделба на депозитите во “Адриа Банка” во Виена. Учеството на Република Србија во депозитите е намалено од 38 проценти на 20 проценти, на сметка на претходно еднострано користење на депозити од оваа Банка. Република Македонија се очекува да добие околу два милиони САД  долари од оваа распределба, изјави Жерновски.

На предлог на Жерновски и на македонската делегација, Постојаниот мешовит комитет на овој состанок усвоил неколку препораки до владите на државите сукцесори поврзани со активностите кои треба да се преземат заради унапредување на примената на Спогодбата за прашањата на сукцесијата.

Постигната била и согласност следниот состанок на Постојаниот мешовит комитет да се одржи во јуни наредната година во земјава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.