Рашела Мизрахи, Гордана Димитриеска-Кочоска и Невенка Стаменковска-Стојковски се трите од петте министерски решенија предложени од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за техничката влада.

Како што најави Мицкоски уште пред да ги објави имињата, тимот со кој ќе работи на подготовка на предвремените парламентарни избори ќе биде составен од докажани професионалци со богати биографии.

 

За нов технички министер за труд и социјална политика ќе биде предложена Рашела Мизрахи.

Мизрахи е доктор по биохемиски науки. Титулата ја стекнала на Универзитетот „Бар Илан“ во Израел. Таа била и првенец на генерација при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје.

Има остварено научно-истражувачки дејности од повеќе области на универзитети во Израел, Канада и Македонија, како што се: биохемија и молекуларна биологија на репродуктивни клетки, на Катедрата на проф. Хаим Браитбарт, на Универзитетот „Бар Илан“. Менаџмент на генетскиот потенцијал во Онтарио, Канада. Работела на Институтот за истражување во кардиологија – Нјуфелд, Медицински центар – Шива, Израел, како и на Физиологија на репродукција, лабораторија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и повеќе други обуки.

Рашела Мизрахи работела како консултант на Глобален фонд во рамки на програмата за туберкулоза во Република Македонија, на мониторинг на лабораторија во Израел, била и асистент на Катедрата за физиологија при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Скопје.

Живее во Скопје и е мајка на едно дете.

За заменик-министер за финансии ќе биде предложена Гордана Димитриеска-Кочоска, магистер по економски науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Поседува импресивна работна биографија од сферата на економското работење како и искуство од банкарскиот сектор. Моментално работи во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии. Претходно работела во Стопанска банка, во Македонски телеком во секторот на даноци, во Министерство за финансии во Секторот за јавен долг, а воедно во одреден период е и директор за финансии во ЕЛЕМ, во времето кога со оваа компанија управуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Гордана Димитриеска-Кочоска поседува обуки, наобразби и меѓународни сертификати од повеќе области како што е анализа на финансиски извештаи, сметководствена аналитика, менаџирање , контрола и управување, завршила и Академија за контрола, во Менаџмент центар Белград,  а лиценцирана од CA Akademie AG.

Таа е сопруга и мајка на две деца.

 

За нов заменик-министер за информатичко општество и администрација ќе биде актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска-Стојковски. Таа е магистер по европско право и право на Европска унија.

Претходно работела во Секретаријатот за европски прашања и во Агенцијата за странски инвестиции каде што била координатор на економските промотори, и работела на привлекување странски инвестиции.

Има знаење и пракса од повеќе меѓународни обуки како што е работа на прашања поврзани со ООН, организирана од секторот за мултилатерала на МНР. Била ангажирана на националната програма за усвојување на правото на ЕУ, координација на ЕУ-фондови и други обуки.

Сопруга и мајка на едно дете.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.