Државите од регионот, преку видеоконференција на тема Ковид-19 во земјите од Западен Балкан, Грција и Бугарија, се договорија да изработат протоколи за отворање на границите.

На конференцијата, на која учествуваше министерот за здравство Венко Филипче, заедно со своите колеги од регионот, учесниците информираа за состојбата со корона вирусот во своите земји, предизвиците со почетокот на учебната година, подготовките на системот за есен и процесот за набавка на вакцина.

Во однос на границите и слободното движење на патници во земјите од регионот, ставот на министрите е дека треба да се заземе координиран пристап помеѓу земјите за тоа на кој начин да се отворат границите за да се олесни преминот на патниците, а притоа да се обезбеди контрола над ситуацијата со корона вирусот.

Врз основа на тоа, на видео состанокот е договорено да се изработи иницијален документ на заемен протокол за границите. На документот ќе работи работна група составена од членови од сите земји на Западен Балкан, Грција и Бугарија, а следната видео конференција на која ќе се дискутира за протоколот ќе се одржи најдоцна за две недели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.