Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија апелира до министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување во Македонија Очната клиника да не биде ковид-центар, како што најави министерот за здравство Венко Филипче.

Филипче вчера изјави дека од денеска треба да почне да работи ковид-центарот во Клиниката за очни болести, а претходно ковид-центри се направија и на клиниките за нефрологија, гастроентерохепатологија, дерматовенерологија, неврологија, Клиниката за уво, нос и грло и Кожната клиника.

Во ковид-центарот на Клиниката за очни болести ќе можат да се сместат 33 пациенти, изјави вчера Филипче.

По прогласувањето на пандемијата со ковид-19 вМакедонија, сите заедно сме исправени пред многу предизвици. Би сакале да го изразиме нашето големо задоволство за начинот и постапките кои ги превземате за справување со кризата, со цел зачувување на нашето здравје. Ние како Сојуз кој обединува сите лица со дијабетес, се обидуваме во овие тешки услови да дадеме сѐ од себе за регулирање на основната состојба – дијабетесот, но и да не дозволиме да се развијат компликации или пак тие да се влошат.

Лицата со дијабетес чувствуваат несигурност за тоа како да го продолжат лекувањето на компликациите од дијабетесот, па во овој контекст и лекувањето на компликациите по видот заради честотата на дијабетичната ретинопатија.

Испраќаме апел за поддршка во третманот на дијабетичната ретинопатија со терапијата aflibercept кои од минатата година успешно ги воведовте како третман на лицата со дијабетес, бидејќи од почетокот на кризата во месец март не сме во можност да ја примиме оваа терапија на Клиниката за очни болести, а не гледаме ниту можно решение по претворањето на Клиниката во ковид-центар овие денови, велат од Сојзуот на дијабетичари.

Тие прашуваат каков е планот ако не постои повеќе можност да ја примаат оваа терапијата која го зачувува видот, а за што е неопходно континуирано лекување кои ќе спречат уште поголеми оштетувања на веќе ослабениот вид кој може да прогредира и до слепило.

Дали сепак еден дел од Клиниката ќе остане доследна да ни ја аплицира терапијата во очи, како што се аплицира терапија и на други клиники за други болести или пак решение барате во пренасочување на ова лекување во други институции?

Ниту една друга терапија не ни била оневозможена во сиот овој период, како оваа, а видот е засегнат кај речиси секој трето лице со дијабетес. Секој следен ден без терапија го зголемува повеќекратно ризикот за влошување на видот, па стравот и разочарувањето од можно слепило расте. Не сме сите во можност да ги покриеме трошоците за лекување во приватните институции, доколку истите не ни ги рефундирате.

Заради сето наведено, и после речиси 9-месечен прекин на третманот, и неколку дена по одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот, чувствуваме дека е вклучен црвен аларм за итно превземање на мерки за да се продолжи со лекување на нашиот засегнат вид, велат од Сојзуот.

Претходно, националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза објави дека е против одлуката да се пренамени Клиниката за неврологија во ковид-центар во кој ќе се примаат и сместуваат новозаболените пациенти со ковид-19.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.