Со Уредбата што ја донесе Владата на вчерашната седница само времено се одложи проблемот со реемитување на телевизиските канали, смета Здружението на информатичко-комуникациски технологии при Стопанската комора на Македонија.
Според Здружението, со Уредбата која укажува на потребата од системско решение, се пролонгира рокот до ноември 2020 година, но останува обврската за исполнување на наметнатите неуставни обврски.
Рокот е пролонгиран од август за ноември. Потребно е системско решение пред истекот на овој рок, во интерес на корисниците. Со донесувањето на Уредбата пред истекот на вонредната состојба, не се дојде до трајно решение за ситуацијата и повторно останаа во сила неуставните измени на Законот, што како краен исход повторно ќе доведе до создавање криза кон крајот на годината. Се надеваме дека со овој мал чекор Владата ќе најде сила за конечно системско решавање на ситуацијата со реемитување на телевизиските канали, пред ноември, во интерес на сите граѓани. Уште еднаш укажуваме дека операторите работат согласно позитивните правни норми во оваа земја и се надеваме дека никогаш повторно нема да бидеме приморани да ги браниме нашите права, преку протест, што е наше уставно загарантирано право, наведува Здружението.
Здружението информира дека во меѓу време ќе работи заедно со сите надлежни институции и национални телевизии за да се постигне, како што посочува, конечно и законски утврдено решение со кое ќе се овозможи рамноправен третман и заштита на легитимните интереси на сите чинители на пазарот за производство и реемитување на телевизиска содржина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.