Граѓаните кои првата вакцина против ковид-19 ја примиле во Србија ќе имаат опција втората доза да ја примат дома, за да немаат дополнителни трошоци, вети министерот за здравство Венко Филипче пред само неколку недели. За таа цел на vakcinacija.mk беше отворен посебен линк „Ревакцинација“ за граѓаните кои ќе одлучат да се вакцинираат дома. Денеска тој линк, кој беше активен само неколку дена, веќе не постои!
Зошто веќе ја нема оваа веб-страница за пријавување или дали можеби постои опција за закажување за втора вакцина преку матичните лекари, од Министерството за здравство не добивме одговори.
Пред само неколку дена Филипче изјави дека на revakcinacija.mk се пријавиле само околу 1.000 граѓани кои со првата доза од „Астра зенека“ се вакцинираа во Србија, а се над 60 години и тие ќе ја добијат втората доза во Македонија. За останатите, пак, го замолил српскиот колега да стави вакцинален пункт поблиску до границата со Македонија.
Иако пункот очигледно требаше да биде замена за ветената втора вакцина дома и „Ревакцинација“, ни тој не постои!
Не пости граѓанин на којшто не му е обезбедена втора доза од вакцината, излажа тогаш Филипче, зошто реалноста на терен е поинаква.
Скопјанка, која првата доза „фајзер“ ја примила во Белград, се обидела да закаже термин на „Ревакцинација“, но сфатила дека сајтот веќе не постои. Кога се обидела закажувањето на термин да го направи преку матичен лекар, оттаму и кажале дека не само што никогаш не добиле некакви насоки од Министерството за здравство, туку немаат ни опција да закажат за втор термин за случај како нејзиниот.
Дека граѓани останале без втора доза вакцина потврдува и вчерашниот случај, кога лицата кои добиле термин за ревакцинација во Поликлиниката „Букурешт“ наидоа на клуч на врата.
Првата доза „Синофарм“ ја примив во поликлиниката, и пред неколку дена добив смс-порака со термин за втора вакцина. Не само што беше затворено, туку и немаше никакво известување зошто е затворено или што да правам, раскажа таа за „Република“.
Жената и нејзините блиски кои дошле со неа, тргнале да се распрашаат што се случува и што треба да се прави, но немале ниту кого да прашаат. По ходниците на поликлиниката штама.Ни движење, ни луѓе.
Забележувајќи ја нивната раздвиженост и вознемиреност и потрагата по одговори, доктор од другата страна на поликлиниката им довикнал дека таму нема никој и дека нема вакцини. Воедно ги упатил утре да дојдат во 8 часот наутро, за да им кажат што да прават.
Ова се само два од илјадниците слични случаи кои го потврдуваат хаосот околу „масовната“ вакцинација во Македонија. Лица пријавени уште во февруари, сè уште не добиле термин, додека други и ненајавени се појавуваат на пункт и завршуваат работа. Останатите чарето го бараат во непотизмот, врските и протнувањето, а оние кои што може да си дозволат, возат кон Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.