Упатувајќи честитки за успешниот изборен процес во првиот круг за претседател на Република Македонија до граѓаните и до раководството на велешката Општинска организација на СДСМ за коректниот однос во текот на изборниот ден, денеска претседателот на Општинскиот Комитет на ВМРО ДПМНЕ Игор Здравковски на прес конференцијата рече дека изборниот процес можеби бил еден од почистите и подемократски во поновата историја на нашата држава.
Ова беше процес во кој за прв пат сме сведоци за една слаба излезност и апатија од страна на граѓаните, како во општина Велес , така и во цела држава. Оваа мала излезност, според нас се должи на две работи кои се случуваат во последните години.
Првата работа е немањето визија за иднината, немање никакви инвестиции, немање желба за подобар стандард на граѓаните и слух за нивните проблеми. Ништо од ветеното за подобар живот не е сторено. Дополнителен импулс на целата оваа разочараност, дури и помеѓу членовите на СДСМ, е лошата кадрова политика на владејачката партија и назначување на неспособни, но гласни партиски војници на раководни позиции, кои наместо да работат за доброто на народот, работат за сопствените интереси, рече Здравкоски.
Според него, втората причина за мала излезност е носењето на штетни одлуки непочитување на волјата и одлуките на народот во последните 2-3 години.
Сите сме сведоци дека и покрај поразот на парламентарните избори, СДСМ благодарение на „Чадорот” и „останатите криминалци од ДУИ”, како што ги нарекуваа тие, ги узурпираа институциите. И покрај волјата на народот на 30-ти септември, најдоа начин да не ја испочитуваат нивната одлука. И покрај волјата на народот во однос на договорите со Бугарија, Тиранската платформа и договорот од Преспа, тие останаа глуви на неговите барања. Повеќе никој не верува во правниот систем. Се согласуваме со зборовите на лидерот на СДСМ, дека граѓаните и политичарите треба да носат тешки одлуки, но не се согласуваме дека тие одлуки треба да бидат штетни за граѓаните како што се нивните. Сакаат да не донесат во една безизлезна ситуација во која ние граѓаните ќе помислиме дека се е веќе решено, дека сите сме исти, и дека западот така одлучил, кажа Здравковски.
Според него, само граѓаните може да носат одлуки, да направат разлика, да казнат или наградат одлука.
ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Велес, Ви честита за правилниот избор во првиот круг. Но, пред конечната одлука за тоа кој сакаме да ни биде претседател на нашата татковина Република Македонија, има уште две недели.
Овие денови ќе има закани, притисоци, убедувања дека се е решено.
Ве молам да издржите, да издржиме сите заедно и да донесеме повторно уште поголема победа за Македонија со изборот кој ќе го направиме заеднички на 5-ти мај. Нашата татковина заслужува достоинство, заслужува многу повеќе од она што и се случува во овие моменти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.