Се надеваме на успешна соработка со претседателот Стево Пендаровски во деновите и месеците што претстојат за интеграција на Македонија во Европската Унија, изјави амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Самоел Жбогар по денешната средба со шефот на државата во „Вила Водно“.

–Имав средба со претседателот Пендаровски. Му ги пренесов честитките од претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск и од претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, во кои тие изразуваат подготвеност за многу блиска соработка за европската иднина на Македонија и за градење на заедничка Европа, рече Жбогар.

Евроамбасадорот рече дека на средбата изразил почит за вчерашните пораки на Пендаровски на инаугурацијата, пораки за помирување, за подавање рака, за обединување на сите политички сили во земјата во интерес на сите граѓани и напредок на државата.

-Охрабрен сум од неговите пораки и од денешната средба. Разговаравме за неговата можна посета на Брисел и средби со лидерите на Европската Унија, нешто на што ќе работиме во наредните недели, рече Жбогар по средбата со Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.