По неколку изборни циклуси во последните неколку години што неизбежно ја поделија земјата, време е политичарите и политичките партии, да ги остават разликите на страна, било тие да се идеолошки, етнички или лични, порача вчера евроамбасадорот во земјава, Самуел Жбогар по повод Денот на Европа, 9 Мај, на „ЕУ Појадокот“, организиран од Секретаријатот за европски прашања.
Време е да се покаже единство за целта и да се интензивираат напорите, прво да се почнат преговорите, второ да се оди напред во преговорите. Ова го потврдија сите парламентарни партии, и тоа е нешто што го очекуваат од вас и граѓаните. Како и во минатото, и сега ЕУ ќе ве поддржува на тој пат, порача Жбогар.
Тој изрази задоволство што се наоѓа во земја што е извор за стабилност во регионот и пошироко.
Тука сум во земја која направи тешки одлуки и испорачува реформи. Во земја која носи добри вести на Балканот. Денес не можам да најавам отворање преговори во јуни, бидејќи тоа е одлука на нашите земји членки. Но вие имате силен и убедлив случај да покажете, и чашата се пополнува, порача евроамбасадорот Жбогар.
Вицепремиерот Османи рече дека како дел од Процесот за стабилизација и асоцијација веќе 20 години, и земја кандидат веќе 15 години, имајќи ги предвид неколкуте препораки за почеток на преговори и можноста официјално да го почнеме овој процес во јуни годинава, Македонија строго го следи и ги усогласува политиките и правосудниот систем со оној на Унијата.
Само пред околу 21 месец, само малкумина веруваа дека оваа Влада може да го испорача она што делуваше невозможно речиси три децении. А тоа е да ги затвориме отворените прашања со Бугарија и со Грција, да го затвориме исклучително сензитивното прашање за Законот за јазиците, во исто време останувајќи фокусирани на реформите во клучните приоритетни области. Успехот припаѓа на сите граѓани, рече Османи.
Османи потсети дека претседателските избори беа чисти и демократски, дека земјава донесе тешки одлуки и оти ги исполни сите ветувања.
Денес можам да кажам дека ги исполнивме сите наши ветувања. Донесовме тешки одлуки. Не беше лесно, а некои не беа задоволни од одлуките. Но тоа мораше така да биде за да не изгубиме уште една деценија и уште една генерација. Тие одлуки нè донесоа до потпишување на протоколот за членство во НАТО, што е огромно историско достигнување. Членството во НАТО не е важно само за нашата земја, туку и за зајакнување на безбедноста и стабилноста на Југоисточна Европа, оцени Османи.
Според него, перспективата за членство во ЕУ на западнобалканските земји е јасна геостратешка инвестиција, во посилна обединета Европа и моќна алатка за промовирање демократија, владеење на правото и почитување на фундаменталните права.
Предизвикот сега е како да се движиме напред во време на демографски и безбедносни предизвици и како да се интегрира Западниот Балкан во Унијата. Потенцијалната цена да нè оставите надвор е многу повисока, отколку да нè примите внатре. Дополнителни напори од двете страни се потребни за да се заврши процесот на интеграција, мисија што претстои да биде завршена, подвлече Османи.
Новоизбраниот претседател Пендаровски во обраќањето пред ЕУ амбасадорите рече дека изборите што завршија не беа толку битни за неговата победа, туку дека беа чисти и демократски. Тоа, како што рече Пендаровски, е само еден дел од она што земјава може да ѝ го понуди на Унијата пред претстојниот самит во јуни, кога очекуваме одлука за почеток на преговори.
Мојата главна цел како претседател во наредните пет години, покрај членството во НАТО и ЕУ, е да бидам и обединувач на нацијата, која е толку многу поделена во минатото. И од првиот ден на моето стапување на функцијата ќе работам со опозицијата, со граѓанскиот сектор, со медиумите, со сите оние што ја споделуваат заедничката цел, а тоа е да бидеме полноправна членка на ЕУ и НАТО, и да бидеме вистински Европејци, рече Пендаровски и им порача на амбасадорите дека земјава чека добри вести од престолнините на ЕУ во последните десет дена од месецов, како и од престолнината на Унијата, Брисел, во јуни.
Земјава од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.