Идентификувани се сите 45 тела на патниците кои настрадаа во автобуската несреќа што се случи на автопатот Струма. Попладнево судските медицинари во Софија ги завршиле сите ДНК анализи и веќе се знае на кое семејство припаѓа секоја од жртвите, откако беше направена споредба на примероците земени од блиски роднини со тие на починатите, потврдува за „Сител“ директорот на Судска медицина, Александар Станков, кој заедно со неколку негови колеги од Институтот се во Бугарија.

Според информациите од МНР, посмртните останки в петок наутро со авион ќе бидат донесени на скопскиот аеродром и ќе им бидат предадени на семејствата за да може да ги погребаат.

Денеска и последниот од седумтемина преживеани во несреќата е вратен во Македонија. 45-годишниот Орхан, кој е белгиски државјанин, попладнево со возило на Брза помош е префрлен од болницата Пирогов на скопските клиники каде што ќе продолжи неговото лекување. Во несреќата се здобил со повреди на потколеницата и на рбетот, поради што му беа направени две операции.

На Клиниката за пластична хирургија продолжува лекувањето на брачниот пар од скопско Количани и 25-годишната Медина од кумановско Сопот.

Тие се во стабилна состојба, но поради сериозноста на повредите ќе бидат задржани уште неколку дена – информира за „Сител“ доц.д-р Софија Пејкова, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Двајца од повредените во понеделникот по два дена престој на Пластична хирургија беа пуштени на домашно лекување, а патникот од Прешево од Софија беше префрлен на лекување во болницата во Врање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.