Во земјава засега има само еден случај на новиот сој на КОВИД-19, омикрон, а епидемиолошкота состојба останува стабилна. За време на новогодишните празници надлежните сметаат дека дополнителни рестрикции не се потребни, бидејќи како што велат, ситуацијата е мирна.

Инаку, согласно последната статистика, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 119 случаи на КОВИД-19, од направени 2.324 тестирања. Оздравеле 257 пациенти, а починале три лица.

Со ова, во земјава досега има вкупно 223.330 ковид-дијагностицирани лица од почетокот на пандемијата. Оздравеле вкупно  210.732, а починале 7.907 пациенти. Има вкупно 4.691 активни случаи.

Засега останува само еден случај на омикрон, и тоа кај маж кој во земјава допатувал од Велика Британија. Станува збор за реинфекција, односно пациентот во јануари 2021 година ја имал прележано болеста и тогаш бил асимптоматски.

Епидемиолошката состојба останува стабилна, а како што најави вчера министерот за здравство Венко Филипче, во текот на следната недела ќе се направи дополнителна анализа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.