Согласно предлог-мерките, сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции за одење на работно место треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист.

Мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести, како советодавно тело на министерот за здравство, се целосно издржани. Целта е да се одржи релативно стабилната епидемиолошка состојба и да се зголеми интересот за вакцинацијата, вели министерот д-р Венко Филипче.

Тој појаснува дека мерките кои ги предлага Комисијата, комбинирано се користат скоро секаде во Европа. Некои земји имаат слични дури и поригорозни мерки.

Вакви мерки има и во Германија, Австрија, Хрватска, во Грција каде се размислува да се воведе целосна забрана за влез во затворено, без разлика дали е на работно место или не, за невакцинирани. Нема друг начин да го заштитиме здравјето на граѓаните, но и здравствените капацитети. Во моментов и целиот изминат период болниците се полнат со невакцинирани пациенти 70-80 проценти од хоспитализираните се невакцинирани. Огромен број од колегите веќе имаат „burn-out“ синдром, знаете две години да се работи во ковид центри со таков интензитет не е едноставно. Има луѓе кои заболуваат и од други болести, не може нив да ги оставиме по страна. Не може да издржиме уште долго вака, да затвораме други одделенија, други пациенти да трпат, да им се одложуваат третманите, а ние да се занимаваме само со Ковид“, рече Филипче.

Во моментот, државата располага со 470 илјади вакцини на „Фајзер” и 20 000 на „Астра Зенека”. Се очекува да пристигнат и 200 000 вакцини на „Фајзер” како донација од Италија, со рок до средината на следната година.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, при направени 2.633 тестирања, регистрирани се 389 нови случаи со Ковид-19, 18 починати и 317 оздравени пациенти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.