Во вчерашната изјава за медиумите, директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби д-р Милена Стевановиќ информираше дека е започната хоспитализација на пациенти во модуларната болница во непосредна близина на клиниката.

Во однос на кадарот кој работи во модуларната болница, д-р Стевановиќ изјави:

Постои систем на мобилизирање на медицински персонал, како среден медицински персонал, така и лекарски и специјалистички. Во моментот на испомош се дојдени колеги од интернистичките гранки и тоа е практично една екипа, еден тим кој работи и во клиничката зграда и во модуларната болница. Тоа е всушност една институција сега”.

Модуларната болница има капацитет од 70 кревети и истата е целсоно опремена за третман на пациентите со ковид-19.

Модуларната болница е целосно опремена. Централен довод на кислород до секое легло и се она што ни е потребно од опрема и функционира на клиниката, го има и во модуларната болница“ – потенцираше д-р. Стевановиќ.

Таа изјави дека заради динамиката на приеми и исписи не може да се даде предвидување како ќе се полнат болничките капацитети, но она што можевме да го предвидиме и на што апелиравме и сѐ уште апелираме е придржувањето кон мерките како единствен начин за лична заштита и превенција од ширење на вирусот.

Истите мерки важат насекаде во светот, многу едноставни и лесни за придржување. Само треба дисциплина, а таа сега ни е исклучително потребна. Држете дистанца, избегнувајте групирања, носете маска, потенцираше д-р Стевановиќ.

Д-р Стевановиќ изјави дека тие, здравствените работници, мора да ја издржат оваа битка.

Едноставно мораме да издржиме, заради нас, заради вас, заради нашите и вашите семејства. Граѓаните мора да ни помогнат„ – потенцираше директорката на Инфективната клиника и апелираше до медиумите да испрата порака до јавноста за почитување на мерките.

Дополнително, таа апелираше и до инфицираните со ковид-19 во целост да ги следат препораките на стручните лица, матичните лекари.

Сите оние кои имаат лесни симптоми да бидат дома, изолирани со симптоматска и витаминска терапија. Да им помогнеме на оние кои навистина имаат потреба од хоспитализација“ – потенцираше д-р. Стевановиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.