Судот ги прогласи за виновни и им одреди доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.

Во завршниот говор судијата Огнен Ставрев рече дека судиите, обвинителите, адвокатите кои работат на предметите имаат обичај и често во судската постапка да го употребуваат поимот кривично правен настан, но по негово видување и чувство, како и на судечкиот совет, овде не се работи за обичен кривично правен настан.

Се работи за монструозно садистичко убивање и одземање на животи на деца кои одвај станале полнолетни. Замислете ги чувствата на децата една минута пред смртта, клекнати на колена. Размислувале ли за семејството, за првите љубови, што сè не им прошло низ глава во таа секунда, а тоа било и прашањето: „Зошто ние, што лошо сме сториле, а не сме имале ни време да сториме“. Какви се чувствата на родителите, во која психолошка бездна биле тие кога разбрале дека ги нема, како се чувствуваат во долго поминатите денови барајќи правда?, рече судијата Ставрев пред изрекување на пресудата.

Судијата Ставрев посочи дека ако мирот во една земја се наруши стапува на сцена принудата.

Правото е поредок во кој употребата на сила е забранета. Праведно е сè што е законито. Правосилната е заснована врз релативна процесна вистина. Идејата за правда го потенцира значењето на општото добро. Правото е правда, но и правна сигурност. Треба да обезбеди мир и сигурност, додаде тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.